Професорката Тамара Јованов реагира на изјава која, според неа, неправедно ги генерализира студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД), нагласувајќи дека во секоја образовна средина постојат и послаби и одлични студенти. Таа посочува дека фокусирањето само на негативните примери создава искривена слика и им нанесува штета на оние што постигнуваат високи резултати, додавајќи дека медиумите треба да се водат од објективност и одговорност, наместо од сензационализам.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
Не чинат студентите на УГД, рече експертот и остана жив!
А во животот, може да станеш и експерт во некоја област и пак да не научиш да изведуваш логични заклучоци.
Туку, не е проблемот во еден лик кој зборува глупости во емисии, ами во медиумите кои “јаваат” на бранот на сензационализам, наместо да известуваат објективно и одговорно.
Што би било објективно на оваа тема?
– Секаде има и слаби и одлични студенти!
Фокусирајќи се само на првите, им правиме најголема штета на вторите, не само затоа што ги поистоветуваме, туку затоа што не им даваме простор и шанса да дојдат до израз и тие да бидат примерот кон кој ќе се стреми секој млад човек.
Оваа објава им е посветена ним – бидете така колеги, одличните му требаат на светот!

