ИЕА алармира: Глобалните резерви на нафта се празнат побрзо од очекуваното

Воената ескалација меѓу САД и Иран и блокадата на Ормускиот Теснец, преку кој пред конфликтот се одвиваше околу 20 отсто од светската трговија со нафта, предизвикаа сериозни нарушувања на глобалните енергетски текови и забрзано трошење на стратешките резерви на нафта.

За да се амортизираат последиците од кризата, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во март координираше ослободување на околу 400 милиони барели нафта од резервите на индустриски развиените земји, со цел стабилизација на пазарот.

Најголеми стратешки и комерцијални резерви поседуваат Кина, САД и Јапонија. Според достапните податоци, Кина располага со речиси 1,4 милијарди барели, додека САД имаат повеќе од 800 милиони барели. Јапонија се наоѓа на трето место со околу 263 милиони барели во државните резерви.

Сепак, речиси три месеци по почетокот на конфликтот, блокадата на Ормускиот Теснец продолжува, а шансите за брз договор меѓу Вашингтон и Техеран значително се намалени. Поради тоа, сè повеќе држави се принудени да посегнуваат по сопствените резерви за да ги покријат енергетските потреби.

Експертите предупредуваат дека, доколку трендот продолжи, комерцијалните резерви би можеле да паднат на критично ниско ниво до крајот на јуни, што би довело до нов пораст на цените на нафтата и потенцијален недостиг на гориво на глобалниот пазар.

Најпогодени се очекува да бидат азиските економии, кои во голема мера зависат од увоз на енергенси од Блискиот Исток, како и авиоиндустријата, која останува еден од најголемите потрошувачи на гориво во светот.

Во меѓувреме, дел од државите веќе воведуваат мерки за намалување на потрошувачката на енергија. Меѓу нив се Филипините, кои воведоа пократка работна недела, како и Пакистан, кој презема ограничувања во транспортниот сектор.

И покрај растечкиот притисок, владите засега се воздржани од ново масовно ослободување на стратешките резерви, предупредувајќи дека нивните капацитети се ограничени и дека не можат бесконечно да го надоместуваат недостигот на нафта на светскиот пазар.

Може да ве интересира