Дивоградба кај Неготино: Македонци и Австриец ископале канал од 600 метри и поставиле струјни кабли

Полицијата поднесе кривична пријава против правно лице од Скопје, како и против едно лице од Австрија и едно лице од Гевгелија, поради сомнение за бесправно градење на територија на Општина Неготино.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавените извршиле ископ на канал во должина од околу 600 метри и поставиле кабли за електрична енергија на потегот од селото Пепелиште кон селото Војшанци.

Како што соопштија од МВР, станува збор за В.М. од Австрија, кој е одговорно лице во правното лице, како и Р.М. (52) од Гевгелија, раководител на подружница во Кавадарци. Против нив е поднесена пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, согласно член 244 од Кривичниот законик.

Надлежните институции утврдиле дека градежните активности започнале пред да бидат исполнети законските услови, односно пред да биде платен надоместокот за уредување на градежно земјиште во износ од 1.502.981 денари, како и пред да биде издадено одобрение за градба.

Инаку, инвеститорот претходно поднел барање до Општина Неготино, но и покрај тоа, градежните работи биле започнати пред добивање на потребната дозвола, со што е предизвикана материјална штета на општината во износ поголем од 1,5 милиони денари.

Може да ве интересира