(Видео) Апасиев: Левица поднесува нова интерпелација за Тошковски, МВР стана „ВМРО-МВРО“

Левица ќе поднесе втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција изјави дека состојбата во МВР дополнително се влошила, а институцијата наместо професионален сервис, станала „приватна партиска полиција“.

Тој посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области, а меѓу главните обвинувања се саботирање на истраги и несоработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Апасиев ја обвини полицијата и за селективно постапување и политички мотивирани одлуки, посочувајќи го случајот со Артан Груби, како и прекинатата постапка за увозот на канцероген мазут.

Во делот за непостапување при насилство и говор на омраза, Апасиев ги спомена случаите со семејно насилство, фемицид и врсничко насилство во училиштата.

Лидерот на Левица обвини и за двојни стандарди во полициското постапување.

Во последниот дел од интерпелацијата, како што посочи, се отвора прашањето за судир на интереси и сомнителни тендери поврзани со министерот Тошковски.

Тој најави дека интерпелацијата ќе биде поднесена веднаш по прес-конференцијата и дека сите точки детално ќе бидат образложени пред пратениците.

Може да ве интересира