Интервју со Емилио Јанковски за романот „Жетва“: Роман за верата, надежта и загубените духовни корени

Во време кога искреноста, чувствителноста и уметноста сè потешко го наоѓаат своето место, младите луѓе како Емилио Јанковски, македонски млад автор и уметник се вистински потсетник дека талентот има смисла само кога доаѓа од срце. Автор, музичар, сликар и пред сè човек кој верува во добрината, пријателството и духовните вредности, Емилио е млад уметник од Велес кој тивко, но силно, го гради својот свет. Себеси не се обидува да се дефинира само преку уметноста, туку преку човечноста – како добар другар, Божјо дете и некој што сè уште го бара своето место под сонцето, носејќи светлина и за другите по патот.

Неодамна се одржа и промоцијата на неговиот роман „Жетва“ – дело кое уште со самиот наслов отвора многу прашања и тивки размисли. Каква е таа жетва? Дали станува збор за жетва на зборови, чувства, животни искуства или човечки судбини? Токму во таа симболика се крие и убавината на творештвото на Емилио Јанковски – неговите дела не нудат само приказна, туку повикуваат на внатрешен разговор со самиот себе. Преку „Жетва“, Емилио се обидува да ни пренесе мисла за она што човекот го сее низ животот – во луѓето, во љубовта, во болката и во времето – и што на крајот неизбежно ќе пожнее.

Во „Жетва“ земјата што со години не раѓа делува како огледало на човековата душа. Дали неплодната нива е симбол на духовната пустош во современиот човек, кој постојано создава, а сè помалку верува?

Емилио Јанковски: Па да, уште додека пишував знаев дека тоа ќе биде симбол. Можеби дојде некако спонтано, а во одредени делови и свесно сакав да има такво значење. Особено во оние делови каде што прикажувам случки што навистина сум ги доживеал. Така, некако природно, тоа прерасна и во самиот симбол на романот.

Главниот лик вложува огромен труд, и во земјата и во пишувањето, но останува без плод. Дали романот ја отвора трагичната можност дека човекот не е повикан да успее, туку само да истрае?

Емилио Јанковски: Па не би можел целосно да кажам дека е така, дека човекот треба само да успее или само да истрае. Мислам дека секој човек може да биде повикан кон успех, но во некои работи можеби се крие и делумен неуспех. Во нашите очи, нешто што го работиме може да изгледа како неуспех, но ако ја погледнеме духовната позадина на тоа, можеби токму тоа подоцна ќе донесе плод. Понекогаш самиот човек одредува што за него претставува плод, но истрајноста секако е многу важна.

Во делото постои постојан судир меѓу селото и градот, природното и модерното, верата и системот. Дали сметате дека модерниот свет го оттурнал човекот од неговата суштина во име на прогресот?

Емилио Јанковски: Па секако, сите сме свесни за оваа состојба во општеството. Не можеме конкретно да осудиме еден човек или една идеологија, бидејќи некако е природно човекот да се стреми кон развој, технологија, прогрес и супериорност – како тоа да е некаде запишано дека мора постојано да напредуваме. Но, не секој напредок значи дека е позитивен и добар за нас. На пример, напредокот до 17 век бил навистина корисен, кога биле измислени бродовите, мостовите и други работи што ги поврзувале земјите, луѓето и културите. Но со појавата на модерната технологија, која денес често се користи и за бизнис и за оружје, работите се менуваат. Екраните пред кои поминуваме голем дел од времето можат многу да штетат. СМС-пораките ги заменија писмата, а писмата некогаш биле прекрасен начин за разменување чувства, мисли и животни настани.

Главниот лик не успева да биде прифатен од издавачките куќи затоа што неговите идеи се „премногу радикални“. Дали денешното општество навистина сака слободна мисла, или само мисла што не го нарушува комфорот?

Емилио Јанковски: Издавачките куќи секако објавуваат различни жанрови на литература, но пред сè гледаат тоа да биде профитабилно за да можат да опстанат. Нормално е секој да се стреми кон профит од работата што ја работи. Но кога станува збор за литературата, мислам дека тука се отвораат многу етички прашања, бидејќи литературата е нешто што останува трајно и од кое човекот учи. Ја читаат луѓе од сите возрасти, и децата, а од тоа каква литература читаат, во голема мера зависи и во што ќе израснат. Тука сметам дека и државата треба да преземе одредени мерки околу тоа каква литература се издава и за која возраст е соодветна.

Во романот уметноста не е претставена како слава, туку како страдање и осаменост. Дали вистинскиот творец, според Вас, секогаш е осуден да биде туѓинец во своето време?

Емилио Јанковски: За некого што го сметаат за радикален, одредени идеи не можат така лесно да се прифатат. Понекогаш уметникот зборува за работи што кај некого звучат како осудување или разобличување, особено кога станува збор за моралните и етичките вредности. А во време кога многумина немаат ни обѕир кон тоа како живеат и што е навистина добро, а што не, токму таквиот глас станува неприфатлив за општеството. Мислам дека затоа вистинскиот творец често останува неразбран и на некој начин туѓинец во своето време.

„Жетва“ силно се потпира на библиски мотиви и поуки. Дали верата во романот е прибежиште од суровоста на светот, или единствениот начин човекот да остане човечен?

Емилио Јанковски: Ние можеме да живееме и без верата, и без Библијата, но прашањето е каков е тој живот. Човек може да живее како атеист или како некој што нема желба и познавање за верата, и секако може така да помине и цел живот, дури и да има успешен живот според светските мерила. Но она што јас сакам да го претставам е дека лично верувам во Бог, во вечноста и во задгробниот живот.

Дали тоа враќање кон корените е обид човекот да се помири со себеси, или сознание дека колку и да бега, никогаш не може да избега од она што суштински го обликувало?

Емилио Јанковски: Апсолутно да. Понекогаш животните околности нè враќаат кон нашите корени. Низ различни ситуации во животот знаеме да бегаме, од неуспех, од болка или од нешто што не ни се допаѓа, но секој човек порано или подоцна доаѓа до момент кога мора да се соочи со своето минато и со сопствените корени.

Во романот природата изгледа поморална од општеството. Дали сметате дека човекот, колку повеќе гради цивилизација, толку повеќе ја губи способноста за вистински живот?

Емилио Јанковски: Па да, како што и претходно зборувавме, современите технологии можат да бидат голем бенефит, но сè зависи од тоа како ги користиме. Од друга страна, тие можат да станат и замор, нешто што постепено нè оддалечува од природата.

Писателот ѝ помага на девојката да помине низ траума од злоставување, но на крајот таа избира друг човек. Дали сакавте да покажете дека љубовта не секогаш е награда за добрината, туку понекогаш е само тивка жртва без возврат?

Емилио Јанковски: Понекогаш љубовта може да биде тивка жртва без возвратена љубов. Можеби најчистата љубов е токму таа кога сакаш некого без да очекуваш нешто за возврат.

Во романот се чувствува критика кон современата култура и бестселер литературата. Дали мислите дека денешниот свет повеќе ја наградува забавата отколку вистинската уметност?

Емилио Јанковски: Може да се каже дека забавата денес е попривлечна, понаградувана и поактуелна, не само во литературата, туку и во другите уметности. Се трча по возбуда и по нешто интересно, и иако тоа понекогаш може да биде и добро, не секогаш е она што навистина нè исполнува.

Кога ги споменувате авторите Tolkien, Lewis и Martin со одредена критичка дистанца, дали сакате да кажете дека современата литература премногу бега во фантазија, а премалку се занимава со духовната вистина?

Емилио Јанковски: Во ниту еден случај не сакам да ги омаловажам овие писатели, бидејќи нивните дела се светски признати и создадени со голем вложен труд. Но кога станува збор за духовноста, сметам дека имам право да го кажам своето мислење.

Ликот на премиерот кој ги поддржува земјоделците и старите начини на живот делува речиси архетипски. Дали тој лик е политички идеал, или симбол на изгубениот поредок што човекот го памети, но повеќе не може да го врати?

Емилио Јанковски: Јас мислам дека овој поредок може да се врати, а премиерот може да биде и симбол, но и жив пример.

Во романот традицијата не е претставена како обичај, туку како морален систем. Дали сметате дека современиот човек ја изгубил способноста да живее според принципи, а не според интерес?

Емилио Јанковски: Современиот човек живее според одредени принципи и не можеме едноставно да судиме за тоа. Но денес, дури и кога станува збор за храната, трупаме непотребно многу без да размислиме дали тоа е исправно и дали му штети неком, па и на самата природа.

„Жетва“ отвора и прашања за машко-женските односи и феминизмот. Дали Вашата критика е насочена кон самата идеја за еднаквост, или кон стравот дека современиот свет ги урива природните улоги и духовниот баланс меѓу мажот и жената?

Емилио Јанковски: Јас навистина имам голема почит кон жените. Ако не ги почитувам жените, тоа би значело дека не ја почитувам ни сопствената мајка. Мојата поента е дека секаде треба да постои одреден ред и баланс.

Главниот лик е одбиен и како творец, и како љубовник, и како човек што бара смисла. Дали сакавте преку него да ја прикажете трагедијата на човекот кој е „предоцна или прерано роден“ за светот во кој живее?

Емилио Јанковски: Неговата главна мисла во книгата е дека човекот постојано истражува и дека не секогаш сè што ни се кажува мора да биде апсолутна вистина.

Дали „Жетва“ е роман за надежта или за разочарувањето?

Емилио Јанковски: Дефинитивно за надежта. Без надеж, човекот тешко би можел да продолжи напред, без разлика низ какви предизвици поминува.

Дали сметате дека денес човекот повеќе се плаши од тишината, природата и самотијата отколку од хаосот на модерниот живот?

Емилио Јанковски: Да, сметам дека тишината знае да биде многу застрашувачка. Особено тишината во душата, кога човек се соочува со тоа што навистина е.

Во „Жетва“ има чувство дека светот се распаѓа не економски, туку духовно. Дали според Вас најголемата криза на денешницата е кризата на душата?

Емилио Јанковски: Да, сметам дека кризата на душата е еден од најголемите глобални проблеми на денешницата. Денес многу внимание се посветува на материјалното, на успехот и на надворешниот изглед на животот, а сè помалку на човекот одвнатре.

Ако романот треба да се сфати како еден вид современа парабола, што е според Вас најголемото предупредување што му го упатува на човекот?

Емилио Јанковски: Мислам дека треба повеќе да размислуваме за сè околу нас, вклучувајќи ги и духовноста и Бог, бидејќи веќе сме во опасност од современиот напредок ако тој не е придружен со морал и духовни вредности. Треба повторно да размислиме за нашите духовни вредности. Како што вели Исус во Писмото: „Вие сте солта на светот“. Ако навистина сме ја разбрале сопствената вредност, тогаш треба да ја чуваме, негуваме и да ја пренесуваме на другите луѓе и на идните генерации. Не смееме да дозволиме да се распаднеме духовно и да дозволиме деструктивните влијанија целосно да нè обземат. Токму тоа е и предупредувањето – да се вратиме кон духовноста и кон изворите, а не да бегаме од нив.

Може да ве интересира