Велјановска: За општеството полно со морал, каде е заштитата на жената?

Пишува Марија Велјановска- дипломиран социолог и професорка по социологија

Властите во Македонија често зборуваат за заштита на жените, но во однос на тоа прашање ретко суштински се остваруваат реални механизми за заштита од родово базирано насилство, економска сигурност и системска дискриминација. Наместо тоа, жената е искористена како алатка за политичка мобилизација во име на демо-христијанските вредности. Во македонското општество овој феномен може да се забележи преку повеќе примери во кои политичарите јавно говорат за семејните и христијанските вредности како највисока форма на морал, но истовремено сексизмот е длабоко присутен во политичката култура. Жените политичарки многу почесто се жртви на коментари и напади поврзани со нивниот физички изглед, возраст или приватен живот отколку мажите. Особено во медиумите и социјалните мрежи, жените кои се политички активни често се изложени на навреди, омаловажувања и мизогени напади.

Општество кое навистина ги вреднува жените, а не ги користи само како симболичен украс за политички поени, овозможува целосна поддршка преку реални механизми и услови кои кои нудат можности за еднаквост како еднакви плати, репродуктивни права, социјална сигурност и ослободување од економската зависност.

Од социолошка перспектива може да се објасни преку концептот на патријархатот како систем на моќ, во кој односот не е сведен само помеѓу мажот и жената туку и низ цел општествен механизам во кои институциите како државата, образованието, религијата, медиумите и слично ја нормализираат машката доминација. Па оттука, десничарските власти во Македонија често ја користат религијата и национализмот како алатка за одржување на таа структура. Тоа е една идеализација во која жената се идеализира како мајка или сопруга, но ретко како независен политички и економски субјект.

Дополнително во политичката култура во Македонија често се нагласени христијанскиот морал и достоинство, а од друга страна таа се уште останува полна со сексизам, омаловажување и експлоатација на жената-работник. Но, женската нееднаквост не може во никој случај да се одвои од класната нееднаквост. Жените од работничката класа во Македонија најсилно ги чуствуваат последиците од капиталистичката експлоатација, а тоа е нешто кое на политичката елита и е од интерес, имајки во предвид дека евтината работна сила е столб на профитот и политичката контрола. Лицемерно е тоа што политичките елити зборуваат за важноста на семејството, а истовремено институциите не нудат доволно правна заштита, економска сигурност, засолништа и психолошка поддршка за жените кои се жртви на семејно насилство.

Особено е значајна врската помеѓу десничарската политика и капитализмот со оглед на тоа дека во Македонија жените се дел од најексплоатираната работна сила (ниско платени текстилни работнички). Од друга страна пак, често се зборува за економски раст и развој како општествен приоритет, но тој економски раст не може да се темели на евтина и несигурна работна сила во која жените спаѓаат во една од најранливите категории. Наместо системски мерки за економско ослободување на жените, се промовира наратив во кој природната улога на жената е жртва за семејството и нацијата.

Христијанството како религија во својата суштина проповеда солидарност, еднаквост и грижа за ранливите категории, но во пракса, тие вредности често се игнорирани и злоупотребени особено кога станува збор семејно насилство, сиромаштија и работничките права.  Вистинска еднаквост може да се постигне само преку социјална правда и економска сигурност, а не со празни религиозни патроли.

Особено проблематично и загрижувачки е кога ќе го погледнеме македонското општество, полно со фемициди и родово базирано насилство. Последните неколку години јавноста е сведок на потресни случаи во кои се случија убиства на жени од партнери или поранешни сопрузи кои покажале насилно однесување. Тоа само покажува дека проблемот не е индивидуален инцидент туку системска слабост и пропуст на државата кога треба да се заштитат жените.

Фемицидите претставуваат  крајна последица на општество во кое насилството врз жените долго време е нормализирано, а честопати  минимизирано, оправдано и недоволно сериозно сфатено. Во македонското општество  постои и култура на обвинување на жртвата. Во социологијата кога институциите се известени за ризикот од трагедија, но не реагираат да го спречат, тоа се нарекува институционална пасивност, каде штетата не произлегува само од сторителот туку и од неактивноста на системот.

Потребно е критички да се постави прашањето, дали во Македонија жените се навистина заштитени или се штити само системот кој профитира од нив?