Координаторот на Секторот за Надворешна политика при политичката партија Левица, Емир Шкриељ, преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше експанзијата на коцкарската индустрија во Македонија, оценувајќи ја како сериозен општествен и здравствен проблем. Тој предупредува дека коцкањето претставува високоадиктивно однесување со тешки последици врз поединецот и неговото семејство, притоа доведувајќи ја во прашање ефективноста на постојните мерки и повикувајќи на радикални ограничувања, вклучително и целосно затворање на казината и обложувалниците.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Како психолог (иако само по образование) чувстувам должност да се огласам околу темата коцкање и коцкарската индустрија во Македонија (иако таа цути и во некои земји од тнр. Регион) чија преваленца можам да ја споредам единствено со онаа на чумата во средновековна Европа.
Коцкањето имено е високоадиктивно однесување кое може да доведе до бихевиорално растројство “патолошко коцкање или коцкарски растројство” според класификацијата ДСМ-5. Пролонгираното коцкање доведува до симптоми на зголемена толеранција кон ова маладаптивно однесување, кризи на апстиненција, затајување, лажење, преземање огромни ризици и најпосле депресија и суицидалност.
За разлика од високоадиктивните супстанци (цигари, кокаин, хероин и сл.) не е во опасност само телото на коцкарот (патолошки невролошки промени на мозокот кои доведуваат до дополнителни адиктивни и маладаптивни однесувања како што е наркоманијата) туку може да страда и неговата околина – особено најблиските. Тешката и долготрајна физичка и бихевиорална рехабилитација на патолошкиот коцкар е сепак далеку поизгледна од неговата социјална или економска рехабилитација која е речиси невозможна и од последиците на однесувањето можат да страдаат наредни поколенија.
Да се вратиме сега на чумата во нашата татковина во која властите дозволија да постојат повеќе казина и обложувалници отколку образовни институции, па сега наеднаш се загрижија за “децата и семејните вредности”. Земја на чиј што истоимен плоштад во главниот град нема ни црква, ниту џамија, ниту часовник, ниту кула, ниту библиотека… туку смрдливо казино.
И што во Македонија воопшто би значело оддалечувањето на казината 500 метри од училиштата – зарем на малолетниците воопшто им е дозволено да влегуваат во овие пеколни гротла? За споредба, забранета ли е продажбата на цигари во круг помал од 500 метри околу училиштата и какво влијание би имала таквата забрана врз конзумирањето цигари кај малолетниците доколку самата универзална забрана за продажба на цигари на малолетници не се спроведува? Дали соодветна забрана би постоела и за рекламирањето казина и кладилници околу училиштата – може ли билборд од силниве казина и обложувалници слободно да биде поставен било каде и како е можно оваа пракса законски да не се доведува на исто рамниште со рекламирањето високоадиктивни супстанци како цигарите?
Билбордите на коцкарските концерни се насекаде околу нас, а нивните апликации веќе лесно се симнуваат и на телефон. Една реклама дури вели “среќата е само на еден клик”. Условувањата со “бонуси на добредојде” и “зголемена можност за добивка” можат да се примат кај секого од нас во било кој момент.
Повторувам дека се работи за високоадиктивно однесување за кое предупредувања како “играј одговорно” немаат никаква смисла. Слично би звучело кога би рекламирале хероин со пораката “боцкај се/шмркај одговорно” – имено, секаква одговорност е веќе изгубена кога лицето почнува да се дрогира/коцка.
И додека сме кај рекламирањето, навидум фрапантна е застапеноста на овие коцкарски фирми во спортот, спортските лиги и клубови иако е јасно дека компетитивниот и комерцијален спорт немаат никаква врска со здрав живот. Сепак оваа света крава на капитализмот конечно го покажа своето вистинско лице – дека е евтина духовна храна лишена од било каква културна содржина и дека им служи на богатите и моќните во нивните напори ментално да го поробат човештвото.
Но, за високоадиктивни однесувања или супстанци решението некогаш мора да биде радикално – во вид на прохибиција или сериозно ограничување. Ако една од најсиромашните држави во Европа чие население годишно остава четвртина од својот БДП во казина и обложувалници тука говориме за епидемија – примарно на сиромаштија, па секундарно на зависност од коцкање. И така продолжува овој маѓепсан круг.
Сепак не сме лабораториски глувци па врз нас да се изведуваат соцдарвинистички експерименти. Не ги затворајте очите и не гличајте во сопствената егзистенција – оние кои сакаат да нѐ поробат имаат за цел пред сѐ да нѐ навлечат или барем навикнат на беда – да ни ги стеснат хоризонтите и да нѐ заробат во кутијата во која ќе бидеме нивната лесно заменлива работна сила.
Чувствувам дека сме многу повеќе од тоа без разлика дали оваа чума нѐ има обземено или не. Сите еднакво патиме во услови во кои татковината ни е сведена на коридори, коцкарници и бордели – приоритети број еден на секоја ненародна владејачка гарнитура од 1990 па наваму. Затоа да почнеме од некаде, а тоа нека биде моментот кога ќе одлучиме –
ДА ГИ ЗАТВОРИМЕ КАЗИНАТА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ, ДА ГИ СПАКУВАМЕ НИВНИТЕ ГАЗДИ И ДА ГИ ИЗБРКАМЕ ОД МАКЕДОНИЈА!

