Скопје повторно се соочува со неизвесност во модернизацијата на јавниот превоз, откако пропадна постапката за набавка на електрични автобуси. Државната комисија по жалби за јавни набавки, по службена должност, донесе решение за поништување на тендерот за набавка на електрични автобуси и полначи, информира Министерството за транспорт.
Од Министерството соопштуваат дека постапката ќе биде повторно објавена во најбрз можен рок, согласно законските прописи. „Министерството за транспорт согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“, велат од ресорот.
Тендерот, кој беше објавен во февруари годинава, предвидуваше набавка на вкупно 150 електрични автобуси и 75 полначи. Според планот, 100 автобуси требаше да бидат наменети за јавниот превоз во Скопје, додека останатите 50 ќе се распределеа во другите општини низ државата.
Поништувањето на постапката значи ново одложување на воведувањето на еколошки автобуси, што требаше да придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот и јавниот транспорт во главниот град.

