Четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на скопската Обиколница, помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 21 мај околу 23 часот, кога товарно возило, влекач „ман“ со косовски регистарски ознаки, управувано од 76-годишен возач од Косово, изгубило контрола, ја пробило заштитната ограда и преминало на спротивната коловозна лента. Таму директно се судрило со патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски таблички.
Од силниот удар избувнал пожар во двете возила, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипи на противпожарната бригада.
На местото на несреќата животот го загубиле возачот на автомобилот, 51-годишен скопјанец, како и неговите сопатници, две 20-годишни лица од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега не е утврден. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт на лице место, а по наредба на јавен обвинител телата се дадени на обдукција.
Неофицијално, меѓу загинатите е и оперски солист и првенец на Македонската опера и балет.
Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Поради увидот на местото на несреќата, сообраќајот на овој дел од обиколницата беше во прекин и се пренасочуваше по алтернативни правци повеќе од шест часа. Нормализација на сообраќајот беше воспоставена околу 5 часот изутрина.
Од ЈП „Македонија пат“ информираа дека веднаш по несреќата било извршено пренасочување на возилата на делницата Велес–Тетово, со цел непречено одвивање на сообраќајот и овозможување на увидните активности.

