Советничката која ја навредуваа откако предложи вработените во казината да бидат прераспоредени во фабрики, и самата работи во фабрика со завршен Педагошки факултет

Бурни реакции во јавноста предизвика предлогот на Виолета Аврамоска од Охрид, советничка од редовите на Левица, која пред неколку дена го објави својот предлог, наместо да се увезуваат 50.000 работници, вработените од казината да се прераспоредат во фабрики.

Додека едни и ја дадоа поддршката, истакнувајќи дека затворањето на коцкарните е важен предуслов за поздраво општество и грижа за младите генерации, имаше и такви кои ја нападнаа Аврамоска, не штедејќи навреди.
Со погрдни зборови, многумина и порачаа таа и нејзините деца да одат и да работат во фабрика.
Сепак, реалноста е дека и Виолета, која по професија е дипломиран учител со завршен Педагошки факултет, како и самохрана мајка на малолетно девојче, заработува за живот како работник во фабрика.

Помеѓу нејзините сограѓани е позната како жена – борец, вработена во фабриката Костал, на линија во производство. До пред неколку години таа била невработена, а во видео интервју за Левица од пред пет години раскажа дека кога останале сами со ќерката, покрај другите животни проблеми, најголемиот проблем и бил да обезбеди егзистенција.

По повод навредите кои и беа упатени од мажи, но и од жени, околу ставот со коцкарниците, таа се огласи на социјалните мрежи и порача дека со гордост кажува дека работи во фабрика и си ја сака работата.

Веста е преземена од ВИКИМЕДИА

Може да ве интересира