Дваесет и петгодишна жена од скопско била приведена во средата попладне пред казнено-поправната установа „Идризово“, откако полицијата открила дрога во пакетот што го носела за осудено лице.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил околу 15:30 часот, кога при контрола на пакетот што го донела В.А. (25) биле пронајдени бела прашкаста материја и марихуана. Дрогата веднаш била одземена, а жената приведена во полициска станица.
Од МВР информираат дека по целосното расчистување на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Претходно истиот ден, во утринските часови, од затворот „Идризово“ било пријавено дека при извршен претрес биле пронајдени и одземени 92 ќесички со прашкаста материја, како и дигитална вага. Запленетата дрога била преземена од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје за понатамошна постапка.
Надлежните институции соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата настани, по што ќе следуваат соодветни пријави.

