Левица-Сектор Спорт: Химната не се брани со 5000 евра – мали казни водат кон големи инциденти

Со казната за Шкендија, што експресно ги изрече ФФМ, за исвиркување на македонската химна, навредливо скандирање кон ФФМ и националистички пораки уште еднаш се покажа дека непочитувањето на државни симболи, говорот на омраза и провокациите поминуваат со симболични казни. За исвиркување на македонската химна Шкендија е казнета со 5000 евра казна.

Не е првпат да се случуваат вакви инциденти. Уште во 2016 година, навивачката група „Балисти“ беше жестоко критикувана откако ја исвирка македонската химна пред финалето од Купот меѓу Шкендија и Работнички во арената „Филип Втори“. По натпреварот следуваше хаос на трибините, со демолирање на делови од стадионот.

Најстрашно е што институциите со години не преземаат сериозни санкции за понижување и омаловажување на државните симболи. Паричните санкции не се доволно. Вакви инциденти ќе се повторуваат сè додека има толку мали казни и нема санкции за навивачките групи, како и за раководствата на клубовите.

Освен исвиркувањето на химната, навивачите на Шкендија побараа да им ги дадат своите дресови и да не се качат на пиедесталот за заслужените сребрени медали, што играчите и го сторија. При тоа, тренерот на Шкендија не го образложи одбивањето неговите спортисти да се качат на пиедестал.

Спортот не смее да се користи како можност за меѓуетнички раздори. Спортската култура и спортската етика треба да бидат ставени пред сите првенства и спортски титули и да бидат основа на сите спортисти. За да се случи тоа институциите, спортските федерации и клубовите мора да покажат дека вакви инциденти нема да бидат толерирани, затоа што секоја толеранција значи дека ваков или сличен инцидент во иднина може да прерасне во поголем инцидент, стои во реакцијата на Сектор Спорт, при политичката партија Левица.

Може да ве интересира