Безживотно тело на жена со прострелна рана во главата најдено во близина на Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со екипи на СВР Скопје, извршија увид на лице место во скопското село Копаница, каде беше пронајдено тело на 37-годишна жена со прострелна рана во пределот на главата.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција, додека надлежните институции преземаат дополнителни мерки и активности со цел целосно расчистување на случајот.

Според информациите од истрагата, покрај телото бил пронајден пиштол „Глок 19“, кој е во сопственост на нејзиниот сопруг. Лицето веднаш било обезбедено, по што Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против него.

Тој се товари за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“, согласно член 396 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка, кој бил прифатен од Судот.

Во меѓувреме, ОЈО Скопје и СВР Скопје продолжуваат со истражните дејствија за целосно утврдување на сите околности поврзани со настанот.

Може да ве интересира