Портал X: Градоначалник и бизнисмен кој чека државна помош за семејната фирма

Додека ја води општината Маврово и Ростуше, градоначалникот Онер Јакупоски паралелно е и бизнисмен кој добива државна помош за неговата семејна компанија БОС ПАКИНГ, што го отвора прашањето за можен судир на интереси.

Документите со кои располага ПорталХ покажуваат дека пред да стане градоначалник, фирмата на Онер Јакуповски и неговите две деца Белвин и Садула има склучено анекс-договор со одлука на Владата.

Хронолошки, во временски распон од само 10 дена, Јакупоски на 3 септември 2025 година прво беше потврден како кандидат за градоначалник на Маврово и Ростуше на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе на 12 септември, Владата донесе одлука за склучување анекс на договорот за државна финансиска поддршка за неговата компанија.

Од Министерството за економија и труд велат дека БОС ПАКИНГ има важечки договор за финансиска поддршка со инвестициски период до крајот на 2026 година.

БОС ПАКИНГ е формирана во 2021 година. Тоа се занимава со производство на хартиени вреќи и кеси за разни намени. Според алатката Отворени финансии, првата државна помош ја добива во времето на претходната влада во 2023 година. Тогаш на компанијата на име државна помош се исплатени скоро 70.000 евра.

Веќе во 2024 година, со промената и доаѓањето на новата влада, БОС ПАКИНГ добила повеќе од двојно, односно 167.075 евра државна помош.

Но, дали со анексот склучен во септември 2025 година и оваа сума е зголемена и колку изнесува државната помош со новиот анекс, не открива ниту министерството, ниту Владата, ниту Јакупоски.

Градоначалникот Онер Јакупоски ја има пријавено сопственоста во компанијата во Антикорупциска.

Но, во моментов, има преклопување меѓу јавната функција на градоначалникот и државна финансиска поддршка за компанија поврзана со него и членови на неговото семејство, што отвора прашања за примена на член 52 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тој се однесува на забрана за користење на заеми и други видови поддршка од државата.

Дали во конкретниот случај постои судир на интереси, ќе утврдува Антикорупциска.

„По сопствена иницијатива, оформен е предмет по однос на наводите од Вашето прашање“, рекоа од ДКСК.

Онер Јакупоски не успеа да обезбеди победа на локалните избори ниту во првиот ниту во вториот круг, по што беше именуван од Владата за повереник на Општина Маврово и Ростуше. Конечно, победи на повторените избори кон средината на јануари годинава, по што седна во градоначалничката фотелја.

Веднаш по изборот за градоначалник, синовите на градоначалникот основаа две нови компании – Ултра Клеанинг и Сервиси ГРОУП за чистење и Пулсар Солушнс ДООЕЛ – за ИТ технологии. Овие компании, формирани кон крајот на јануари и почетокот на фебруари, две недели откако нивниот татко стана градоначалник воопшто не се пријавени во ДКСК, иако е изминат законскиот рок од 30 дена од денот на промената на анкетниот лист.

Јавно достапните податоци покажуваат дека Белмин Јакупоски е член на владејачката партија, а во 2022 година бил избран од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на општинскиот комитет на Маврово и Ростуше. За помалиот син, Садула, вели дека живеат во исто домаќинство.

Сепак, последниот збор за и за државната помош и за непријавените компании ќе го има Антикорупциска.

Веста е преземена од Портал Х

Може да ве интересира