Новото задолжување од 260 милиони евра кое Владата на Христијан Мицкоски се обидува да го претстави како „финансиски успех“, всушност е уште еден доказ дека државната каса е испразнета од расипничко, нетранспарентно и неодговорно работење. Додека министерката за финансии зборува за „доверба на меѓународните пазари“, граѓаните треба да знаат дека ова не е евтин кредит, туку скапо комерцијално задолжување со огромни ризици и вкупни трошоци од над 25,6%, велат од партијата.
Македонија денес зема 260 милиони евра, а ќе враќа над 326 милиони евра. Само за камати и провизии граѓаните ќе платат над 66 милиони евра повеќе. Тоа е цената на неспособноста на оваа власт.
Кредитот е врзан со варијабилна каматна стапка – 6M ЕУРИБОР плус 2,1% маргина – што значи дека со секој нов инфлациски шок, со секое зголемување на каматите од Европската централна банка и со секоја нова глобална економска нестабилност, ќе расте и долгот на Македонија. Дополнително, Владата веднаш плаќа и 3,64 милиони евра еднократна провизија само за да може да се задолжи. Наместо поволни развојни кредити, власта зема скап комерцијален долг кој ќе го плаќаат идните генерации, обвинија од Левица.
Ова задолжување е уште еден доказ дека Владата нема економска стратегија, нема развоен план и нема визија каде се движи државата. Исто како и со т.н. унгарски кредит, парите повторно ќе се трошат нетранспарентно, без јасна намена и без реална додадена вредност за граѓаните и економијата. Нема нови производствени капацитети, нема структурни инвестиции, нема долгорочни развојни проекти. Има само нови долгови, нови камати и нов товар врз грбот на народот, заклучија од таму.
Левица предупредува дека Македонија се турка во опасен циклус на постојано задолжување за покривање на буџетски дупки создадени од неспособно и расипничко владеење. Наместо економија што создава вредност, добиваме власт што создава долгови, стои во реакцијата на партијата.

