Радовиш утринава се разбуди под густ чад кој го прекри градот, како последица на пожарот на градската депонија која гори веќе петти ден. Иако во моментот нема отворен пламен, од депонијата и понатаму се издига интензивен чад кој се спушта над урбаната средина и предизвикува загриженост кај населението.
Во меѓувреме, Кризниот штаб одржал повеќе состаноци во координација со Центарот за јавно здравје-Штип, при што се донесени препораки за заштита на населението. Главната порака до граѓаните е да избегнуваат излегување на отворено доколку тоа не е неопходно, како и строго да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето.
Меѓу мерките кои се упатени до граѓаните се држење на прозорците и вратите затворени, исклучување на вентилациски системи кои внесуваат надворешен воздух, користење заштитни маски од тип FFP2, FFP3 или N95, како и забрана за престој на деца на отворено, особено во градинки и училишта. Посебна заштита се препорачува за ранливите категории, децата, постарите лица, бремените жени и хронично болните.
Од Кризниот штаб апелираат, доколку се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите или вртоглавица, граѓаните веднаш да побараат медицинска помош.
Во јавноста, дел од жителите на Радовиш преку социјалните мрежи бараат побрза и поитна реакција од здравствените институции, изразувајќи загриженост за можната изложеност на токсични материи.
„Нема потреба од паника, но населението има потреба од заштита. Населението мора да биде заштитено, бидејќи предолго сме изложени на токсични материи“, стои во една од реакциите на граѓаните.
Депонијата во Радовиш веќе подолг период претставува сериозен проблем, а при секое палење и чадење дополнително се влошува квалитетот на воздухот, што предизвикува зголемена загриженост за здравјето на населението.

