- Став на Слободанка Ќириќ
Честите случаи на фемицид и ескалацијата на семејното и родово базираното насилство во Македонија наметнуваат итна потреба од сериозна општествена и институционална ревизија. Кога исходот од насилството е губење на човечки животи, тоа повеќе не може да се третира како изолиран инцидент, туку како јасен показател за нефункционалност на заштитните механизми.
Прашањето дали Македонија е безбедно место за живеење станува сѐ поактуелно за многу жени кои се соочуваат со закани по сопствената безбедност, дури и во домот како приватен простор. Фемицидот не е приватна или семејна расправија; тоа е најтешка форма на кршење на човековите права и сериозен институционален неуспех кој бара одлучен општествен одговор.
Последниот трагичен случај во Битола, каде 31-годишна жена го загуби животот, како и претходниот случај во Штип со 79-годишна жртва на долгогодишно насилство, јасно укажуваат на системски пропусти во раната детекција и превенцијата.
Ефикасната борба против семејното насилство бара координиран пристап помеѓу трите клучни алки на системот: полицијата, обвинителството и судството. Моменталната состојба упатува на заклучок дека системот потфрла на повеќе нивоа. Пријавите за семејно насилство мора да се сфатат со максимална сериозност од страна на полициските службеници уште при првиот контакт.
Понатаму, јавните обвинителства треба да постапуваат брзо и ажурно, со цел да се спречи ескалација на заканите, додека судските органи имаат обврска да изрекуваат соодветни и строги мерки. Благата казнена политика праќа погрешна порака и придонесува за чувство на неказнивост кај сторителите.
Кога институциите функционираат изолирано и без меѓусебна одговорност за пропустите, се создава перцепција дека се заштитени од критика како фамозните „бели мечки“ во бирократијата додека жртвите остануваат без реална поддршка.
Жените во вакви околности пречесто се оставени сами на себе, со впечаток дека бавните постапки и игнорирањето на пријавите всушност ги штитат насилниците. Оваа состојба сериозно ја нарушува довербата на граѓаните во правната држава.
Македонија поседува законска регулатива, но клучниот проблем лежи во нејзината доследна и неселективна имплементација. Законите не смеат да останат само формалност на хартија. За да се спасат човечки животи, неопходни се брзи институционални реакции, строги санкции и воспоставување на систем на лична одговорност за секој службеник кој направил пропуст во постапувањето. Без вистинска одговорност и конкретни мерки, трагедиите ќе продолжат да се повторуваат, а бројот на случаи ќе бележи натамошен пораст.
Секој нов случај е аларм дека предупредувањата и повиците за помош не смеат да бидат игнорирани од ниту еден надлежен орган. Сѐ додека институциите реагираат бавно и дефанзивно, прашањето ќе остане отворено, уште колку животи треба да бидат загрозени за системот конечно да профункционира со полн капацитет?

