Кинеската економија продолжува да покажува знаци на стабилно закрепнување и раст во првите четири месеци од 2026 година, при што индустриското производство, потрошувачката и вработеноста бележат позитивни трендови. И покрај геополитичките тензии и нестабилноста на глобалните пазари, официјален Пекинг оценува дека економијата покажува силна отпорност и нов развоен импулс.
Кинеската економија забележала стабилен раст во периодот јануари–април 2026 година, покажуваат податоците на Националното биро за статистика (НБС), при што производството и понудата забрзале, а пазарната побарувачка продолжила да расте.
Според официјалните податоци, индустриското производство во првите четири месеци од годинава пораснало за 5,6 проценти на годишно ниво. Само во април растот изнесувал 4,1 проценти во споредба со истиот период лани.
Портпаролот на НБС, Фу Лингхуи, оцени дека и покрај кризите на Блискиот Исток и нестабилноста на енергетските пазари, кинеската индустрија останала стабилна и продолжила со трансформација и модернизација.
„Кинеската економија покажува силна отпорност и виталност, а тоа се должи на сеопфатниот индустриски систем и политиките за зелена енергетска транзиција“, изјави Фу.
Позитивни показатели се бележат и кај потрошувачката. Малопродажбата во периодот јануари–април пораснала за 1,9 проценти, додека индексот на потрошувачките цени во април достигнал раст од 1,2 проценти на годишно ниво.
Од статистичкото биро оценуваат дека огромниот домашен пазар и разновидните потрошувачки модели создаваат простор за понатамошно зголемување на потрошувачката.
Во делот на инвестициите, фиксните инвестиции се намалиле за 1,6 проценти, но инфраструктурните инвестиции пораснале за 4,3 проценти, додека инвестициите во производството бележат раст од 1,2 проценти.
Во меѓувреме, невработеноста во урбаните средини во април изнесувала 5,2 проценти, што претставува намалување за 0,2 процентни поени во споредба со претходниот месец.
Податоците укажуваат и на закрепнување на пазарот на недвижности, при што цените на станбените објекти во големите градови почнале да растат или да го забавуваат падот.
Портпаролот на НБС, Ванг Гуанхуа, оцени дека и покрај надворешните и внатрешните предизвици, основите за стабилен економски развој остануваат непроменети.
„Имаме можности за индустриска модернизација, продлабочување на реформите и доволни политички механизми за справување со ризиците и предизвиците“, изјави Ванг.
Тој додаде дека Кина располага со широк спектар макроекономски инструменти и простор за дополнителни мерки со цел одржување на стабилен економски раст.

