Аврамовска: Вработените од коцкарниците може да се прераспределат во фабриките наместо да се увезуваат работници од Непал и Бангладеш

Советничката на Левица во Охрид, Виолета Аврамовска, смета дека затворањето на коцкарниците и обложувалниците не треба да значи губење работни места, туку можност за прераспределба на вработените во индустријата. Во својата објава таа посочува дека, ако државата веќе се соочува со недостиг на работна сила и најавува увоз на работници, тогаш вработените од секторот за игри на среќа би можеле да се ангажираат во домашните фабрики, додека истовремено би се намалиле последиците од зависноста од хазард кај младите.

Искрено не гледам причина 10 000 вработени во коцкарниците и во обложувалниците да останат без работа.

Според изјавата на министерот Александар Николоски во македонското стопанство има недостиг од работна сила, па поради тоа неопходно е да се увезат 50 000 работници. Наместо работници од увоз, овие вработени нека бидат прераспределини во фабриките. Многу едноставно

Жално е што заради нечии профити се уништува семејството кое во социјализмот беше дефинирано како основна клетка на општеството, се уништуваат младите и децата. Според некои податоци кои ги прочитав најмладиот зависник од хазард има само 14 години

Дали вреди да се затворат овие објекти?

Секако дека вреди. За да ги заштитиме младите од пороци, секако дека мора под итно да се затворат овие објекти.

Во име на профитите отворате можности за нови профити, лекување од пороци, меѓу кои лекување од хазард. Дали може да ги лекувате последиците без да ги отстраните причините?

И уште еднаш ќе кажам, ниту еден вработен нема да остане без работа, во фабриките постојано има огласи за работа. Ќе се заангажира Александар Николоски и ќе ги вработи. Така ќе им се олесни работата околу увозот на работна сила, напиша таа на својот Фејсбук профил.