- Став на Дејанчо Анастасов
Никој разумен не може да биде против развој, инвестиции и отворање нови работни места. Македонија има рударска традиција со децении и сосема е легитимно да се разговара и за нови рудници, па и за рудник за антимон. Но, пред да се ветуваат „модерни технологии“ и „безбедни процеси“ прво трба да се утврди како функционираат постојните рудници и што се случувало со јаловиштата низ Македонија. Ова, од причина што кај нас, секогаш кога ќе се отвори тема за рудници, се зборува за профит, инвестиции и БДП, а многу малку за јаловина, таложници, загадени реки и хаварии.
За да се види како функционираат постојаните капацитети не може а да не се започне со рудникот „Саса“, кај Македонска Каменица е можеби најдобриот пример дека Македонија веќе има сериозна историја со инциденти поврзани со јаловишта.
Во 2003 година се случи една од најголемите еколошки хаварии во Источна Македонија. Според научни трудови и извештаи, дошло до колапс на дел од јаловиштето на рудникот „Саса“, при што помеѓу 70.000 и 150.000 кубни метри јаловина завршиле во Каменичка Река и акумулацијата Калиманци.
Инцидент се случи повторно во 2020 година, кога од јаловиштето број 4 се излеа јаловишен материјал во Каменичка Река. Министерството за животна средина официјално потврди дека дошло до истекување на околу 3.000 кубни метри јаловина. (детална анализа не е направена никогаш, а тоа е три километри метар на метар, опасен отпад). Рудникот не работеше само 14 дена. Од локалото населени се поставува фотографии и видеа од Камена река со црна вода.
Дополнително, на „Саса“ и дозволија да изгради фабрика за суво одлагање, на старо јаловиште кое е користено порано, кога „Саса“ била во државна сопственост и и’ дозволија врз старото јаловиште, кое беше рекултивирано, да ја зголемува висината со суво одлагање на јаловина
На влезот на рудникот кој е за транспорт на руда и јаловина, со локомотиви, кај село горна Саса некој дозволил да се направи „прочистителна станица“, а таму излегува јамска вода која што треба да се врати во јаловиште, со цел да се избегнат негативните загадувања поврзани со тешки метали, загадување од минирање и слично.
Рудник „Саса“ троши месечно околу 7000 литри хидраулично масло кое што истекува во рудникот и преку подземните води предизвикува загадување.
Втор пример е рудникот „Тораница“ од кој лани, неофицијално се излиени 200 метри кубни материјал, а за што информираше градоначалникот на Крива Паланка. Локалното население и еколошките активисти со години предупредуваат дека при чистење на таложниците, јамските води и талогот често завршуваат директно во реката. Рудник Тораница троши околу 6000 литри хидраулично масло кое преку подземните води врши загадување.
Ништо подолу не е ни рудникот за бакар и злато, „Бучим“ кај Радовиш. На овој рудник во 2014 година му се изречени две глоби во висина од 123 илјади евра. Едната за непријавено истекување отпадни материи, а втората за пропусти во делот на Законот за работни односи и техничката заштита на вработените.
Дел од производството е и процесот на „лужење“ – технологија што официјално се користи во рудникот и која вклучува употреба на сулфурна киселина. Локалното населени се жали на бескрајна прашина, сина вода во реките и слично.
Ситуацијата за рудник „Злетово“, најстариот рудник во Македонија, е исто така контравезна со бескрајни проблеми. Старото јаловиште е речиси во градот. Јаловиштето постои уште од 1937 година и на него се наталожени над 10 милиони кубни метри отпад. Министерството за економија издаде решение за непокриени каналетки. Изречена е мерка за непочитување на обврските во висина од 50.000 евра за правниот субјект и 20.000 евра за одговорното лице.
Ова се само дел од евидентираните проблеми. Заради тоа пред да се отвораат нови рудници и да се убедува јавноста дека „се е безбедно“, пред сѐ треба да се установи:
• Колку јаловишта има во Македонија;
• Во каква состојба се;
• Колку инспекции се направени;
• Колку казни се изречени;
• Колку пати имало излевање;
• Кој ги контролира јамските води и
• Дали некој воопшто прави независен мониторинг.
Потребно е државата итно да направи сеопфатна и независна анализа за влијанието на рудниците врз реките, земјоделските површини и подземните води, бидејќи рудник може да донесе профит неколку децении, но една хаварија со јаловиште може да уништи река, земјоделие и здравје за генерации. Анализата не треба да се однесува на самите рудници, туку по целото течение на реките кои поминуваат низ рударските региони и ги наводнуваат нивите од кои се храни населението.
Домашни и странски студии со години предупредуваат на присуство на тешки метали како олово, цинк, кадмиум и бакар во водите, седиментите и почвите во близина на активни и стари рударски капацитети. Дел од истражувањата покажуваат зголемени концентрации токму во речните сливови кои поминуваат низ рударските подрачја.
Постојат и анализи но голем дел од нив се финансирани или спонзорирани директно од рударски компании, па во нив загадувањето често се претставува како „во дозволени граници“, „локализирано“ или „без значително влијание“. Во исто време, независни експерти, еколошки организации и универзитетски истражувања укажуваат дека долгорочната акумулација на тешки метали може да има сериозни последици врз земјоделството, биодиверзитетот и здравјето на населението.
Особено загрижува фактот што тешките метали не исчезнуваат. Тие се таложат со години во речните наноси и во плодната почва. Потоа преку земјоделските култури и водата можат повторно да завршат кај луѓето.
Затоа Македонија мора да воспостави независен национален мониторинг на реките и почвите во рударските региони. Анализите треба да ги прават независни лаборатории, со јавно објавување на сите резултати, без прикривање и без политички или корпоративни влијанија. Не може држава која се претставува како земјоделска и еколошка да нема целосна слика што навистина тече низ нејзините реки и што се таложи во нејзините ниви.

