Алармантен извештај: Секое трето дете се соочува со проблеми со менталното здравје, самоубиствени мисли, a расте и бројот на пријави за насилство и вознемиреност

Децата и младите во земјава не се во целост заштитени, а институциите мора да покажат поголема будност и навремена реакција за спречување на насилството и рана детекција на ризиците, покажува годишниот извештај за 2025 година на СОС-линијата „Ало, бушавко“, презентиран од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Според податоците, во текот на 2025 година биле евидентирани вкупно 284 дојави од деца и млади, од кои најголемиот дел – 227 – пристигнале телефонски, додека останатите биле преку СМС, електронска пошта и апликации за пораки. Загрижува фактот што дури 30 отсто од пријавите се однесуваат на проблеми со менталното здравје, каде доминираат страв, анксиозност, вознемиреност, како и случаи со самоубиствени мисли и обиди.

Освен менталното здравје, значителен дел од пријавите се однесуваат и на семејни односи (64 случаи), при што најчести се конфликтите меѓу родители и деца, како и проблеми поврзани со развод. Евидентирани се и 57 случаи на повреди, од кои 22 се физичко насилство, девет случаи на родителска негрижа и осум случаи на булинг.

Дополнително, 39 пријави се однесуваат на ограничен пристап до образование, социјално-економски проблеми и остварување на основни детски права, додека 18 случаи се поврзани со проблеми во училишната средина, вклучително и односи со наставниот кадар и врсничко однесување.

Експертите укажуваат дека дигиталното насилство сè повеќе зема замав и има посилен психолошки ефект врз децата, бидејќи не е ограничено на физички простор и често се случува пред поширока публика. Ова, според нив, доведува до анксиозност, социјална изолација и намалена самодоверба кај младите.

Во текот на годината, тимот на „Бушавко“ презел конкретни активности, при што биле дадени 152 препораки, дел од случаите биле препратени до надлежни институции, а во одреден број случаи биле спроведени директни интервенции и контакти со здравствени, образовни и правни служби.

Од „Меѓаши“ најавуваат дека ќе продолжат со активности за подигање на свеста, вклучително и кампањи за безбеден интернет простор, со цел превенција на насилството и подобра заштита на децата и младите.

Може да ве интересира