Трамп си замина од Пекинг со ветувања и предупредувања: Кина порача дека конфликтот со Иран не смеел да започне

Американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши посетата на Кина со најави за нови деловни договори, но без поголем ефект врз пазарите. За време на средбите со кинескиот лидер Си Џинпинг, главни теми биле Иран, трговијата и Тајван.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши посетата на Кина со низа најави за економска соработка и деловни договори, но без посериозен ефект врз светските пазари. Иако двете страни зборуваа за напредок во трговските односи, фокусот на средбите сепак остана на геополитичките тензии – Иран и Тајван.

Посетата беше проследена со раскошни церемонии, свечени приеми и блиски дипломатски пораки меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг. Американскиот лидер не штедеше пофалби за својот домаќин, оценувајќи дека средбите донеле „многу добри работи“.

Сепак, непосредно пред нивниот последен состанок, кинеското Министерство за надворешни работи испрати јасна порака до Вашингтон во врска со војната меѓу САД, Израел и Иран.

Трамп изјави дека со Џинпинг разговарале за Иран и дека нивните ставови биле „многу слични“, иако кинескиот претседател не даде јавен коментар. Белата куќа соопшти дека двајцата лидери се согласиле дека Ормускиот Теснец треба повторно да биде отворен за непречен поморски сообраќај.

Во економскиот дел од разговорите, американски претставници тврдат дека бил постигнат напредок околу продажба на земјоделски производи и механизми за идни трговски договори. Трамп претходно откри дека Кина размислува за набавка на 200 авиони од „Боинг“, но конкретни детали за договорите засега нема.

Покрај Иран, сериозна тема бил и Тајван. Според кинеската агенција „Синхуа“, Си Џинпинг го предупредил Трамп дека несогласувањата околу Тајван можат да ги доведат односите меѓу Кина и САД до „опасна точка“, па дури и до директен конфликт.

Американскиот претседател засега не откри што точно било разговарано за Тајван, но пораките од Пекинг јасно покажуваат дека кинеското раководство не планира отстапки по тоа прашање.

Може да ве интересира