Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, жестоко реагираше по информациите дека обвинителството не утврдило штета во случајот со увозот на мазут за потребите на АД ЕСМ, обвинувајќи ги актуелните директори на претпријатието дека со своите искази во обвинителството го заштитиле поранешното раководство од кривичен прогон.
Мојсоска во објава на социјалните мрежи цитираше дел од образложението на обвинителката, според кое претставниците на ЕСМ и на ТЕЦ Неготино изјавиле дека немало штета и дека договорите биле реализирани согласно процедурите.
„Претставниците на АД ЕСМ овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’ изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани“, стои во делот што го објави Мојсоска.
Таа директно го посочи директорот Лазо Узунчев, тврдејќи дека со сведочењето практично го спасил својот претходник од СДСМ Васко Ковачевски.
„Другарчето на Мицкоски и директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, сведочел дека сè било регуларно со увозот на мазут и така го спаси од прогон неговиот претходник Васко Ковачевски“, напиша Мојсоска.
Таа дополнително праша какви кривични пријави поднесувале партиските кадри во МВР ако не обезбедиле доказ за постоење на оштетена страна.
„Кој ќе сноси одговорност за театарот на ДПМНЕ каде беа потрошени 50.000 евра за предистражна постапка?“, прашува Мојсоска.
Во објавата таа ги спомена и министерот Панче Тошковски, обвинувајќи дека случајот бил затворен токму од директорите кои го задолжиле ЕСМ на чело со Зоран Коњановски и Лазо Узунчев.

