Левица: ЕСМ и Узунчев не пријавиле штета за случајот со увоз на мазут – предметот падна поради директорот на Мицкоски

Додека Мицкоски ја замајува јавноста со глумење изненаденост за пропаднатиот случај со увозот на мазут, клучниот елемент е дека токму ЕСМ, предводено од неговиот близок личен пријател Узунчев, не доставиле доказ дека државата е оштетена, реагираат од партијата.

Самата обвинителка Колариќ јавно потврди дека клучната „оштетена страна” – ЕСМ, преку директорот Узунчев, скандалозно изјавила дека компанијата не претрпела никаква штета. Претставници на АД ЕСМ (овластени од директорот Лазо Узунчев) и претставници на ТЕЦ ‘Неготино’  (овластени од директорот Александар Галапчев) на записник во обвинителството изјавиле дека „постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани.”, посочија од Левица.

Со ова, ЕСМ под раководство на Узунчев не само што не пријавиле штета врз државното претпријатие, туку директно сведочеле во корист на спорните договори и набавки. Левица и претходно предупредуваше за криминалното и неодговорно работење на Узунчев, кој наместо да го штити јавниот интерес, го задолжува и финансиски го уназадува претпријатието, обвинија од партијата.

После две години нула одговорност за криминалите на претходната власт, додека Заев ужива на слобода и Груби како слободен граѓанин се прошета до границата, Левица јавно прашува – какви зделки склучил Мицкоски и колку провизии поделил со оние кои ги обвинуваше претходно за криминал?! Дали Мицкоски го штити неговиот личен пријател Узунчев за криминалите со ЕСМ – а за возврат, Узунчев е неговиот “џокер” кој ги спасува од прогон функционерите од претходната власт, прашаа од Левица.

Може да ве интересира