Давчева: Градот формира Совет за детско престапништво без младински претставници и стручни лица и без транспарентна постапка

Советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Милица Давчева, на последната седница остро реагираше на предлог-одлуката за формирање Совет за детско престапништво, оценувајќи дека станува збор за формално тело кое не нуди сериозен и суштински пристап во справувањето со малолетничката деликвенција и девијантните појави кај младите.

Давчева истакна дека иако законски постои обврска за формирање на ваков совет, спорна е постапката со која однапред се избрани здруженијата и организациите кои ќе членуваат во него, без претходно распишување јавен повик, како што тоа се практикувало во минатите мандати.

Таа оцени дека е недозволиво главниот град, кој се соочува со најголем број социјални проблеми и најголема концентрација на млади, да формира совет со само 13 члена, додека во помали општини, како Кисела Вода, ваквите тела имаат значително повеќе членови.

„Скопје е град со најмногу средни училишта, најголема концентрација на млади и најизразени социјални и економски разлики. Токму затоа е апсурдно Советот за детско престапништво да брои само 13 членови, без доволно широк и инклузивен состав”, нагласи таа.

„Не можеме ова прашање да го третираме само правно и репресивно, преку судии и претставници на МВР. Потребен е поширок, социјален и стручен пристап, затоа што малолетничката деликвенција не се појавува сама од себе, туку е резултат на сиромаштија, социјална исклученост, нефункционален образовен систем и недостиг на перспектива за младите”, истакна таа.

Таа критикуваше и што во Советот нема претставници од средношколците, иако одлуките директно се однесуваат на младите.

Во своето обраќање, таа потсети и на последните случаи на насилство меѓу млади во Скопје, оценувајќи дека тие се последица на систем кој со години ги оттурнува младите на маргините, без доволно културни, спортски и психолошки содржини и поддршка.

Може да ве интересира