Наводите на Коларевиќ, за кои таа вели дека се внесени во записник на ОЈО ГОКК, отвораат прашања за реакциите на премиерот Христијан Мицкоски и другите претставници на власта на одлуката за затворање на предметот.
Една од главните причини поради кои обвинителката Катерина Коларевиќ решила да ја прекина истрагата за случајот „Мазут“, биле искази на актуелни претставници на државната ЕСМ (Електрани на Северна Македонија), овластени од актуелниот директор на ЕСМ, дадени пред само два месеца, во март, вели Коларевиќ во интервју за „360 степени“.
Претставниците на ЕСМ, но и на ТЕЦ „Неготино“, во Обвинителството изјавиле дека спорните постапки за набавка на мазут, за кои беа обвинети ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и бизнисмени, како и други вработени во ЕСМ, всушност се спроведувале согласно правилата и дека немало никакви проблеми во испораката и во почитувањето на договорите.
Изјавата на Коларевиќ, за кои таа вели дека има потврда во записник на ОЈО ГОКК, отвораат прашања за реакциите на премиерот Христијан Мицкоски и власта на одлуката за затворање на предметот.
Мицкоски вчера рече дека е во „шок и неверување“ и вината имплицитно ја префрли на првиот човек на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Слични чувства околу случајот денеска изрази и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека цело МВР се разочарало од одлуката на Обвинителството. Министерот за правда Игор Филков, пак, рече дека ваквите одлуки ја подриваат довербата во правосудството во целина и го повика Обвинителството да ја преиспита одлуката.
Во случајот, во кој според првичните наводи на Обвинителството биле проневерени 167 милиони државни евра преку злоупотреби со јавни набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, беа обвинети поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој избега од државата, бизнисменот и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Капушевски, како и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, меѓу другите.
Обвинителката Коларевиќ, која го водеше предметот, пред два дена соопшти дека ја запрела постапката поради недостиг на докази.
„Разбирам дека одлуката предизвика реакции во јавноста, меѓутоа обвинителството не носи одлуки за да бидат популарни или да одговараат на нечии очекувања, туку за да бидат законити и одржливи. Во конкретниот предмет, истрагата траеше повеќе од една година, беа преземени бројни дејствија, беа анализирани обемни докази и на крајот не се обезбедија докази што ќе овозможат продолжување на постапката и поднесување обвинение. Досегашното искуство во државата покажало дека поднесувањето обвиненија без цврста доказна основа, особено во предмети под силен јавен и политички притисок, неретко резултира со ослободителни пресуди, долготрајни постапки или застарување на предметите, со што се создаваат и сериозни финансиски импликации врз Буџетот по основ на судски трошоци и надомест на штета. Токму затоа обвинителството мора да постапува одговорно и професионално, а не под влијание на дневнополитички очекувања. Секој има право на политички став и коментар, но обвинителството не смее да работи под притисок, ниту врз основа на политички изјави, медиумска атмосфера или јавни очекувања. Единствениот критериум за нас е дали постојат докази што можат да издржат пред суд и да резултираат со законита и осудителна пресуда“, вели Коларевиќ.
Таа повторува дека во истрагата не се потврдиле клучните елементи потребни за постоење на кривичните дела наведени во пријавата, особено во делот на настапена штета, противправна имотна корист и постоење умисла.
„Особено значајно е што претставници на АД ЕСМ, како субјект кој според пријавата требало да биде оштетен, јасно изјавија дека штета нема. И не само тоа. Претставниците на АД ЕСМ овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’ овластени од сегашниот директор на ТЕЦ ‘Неготино’ на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани. Воедно, во истата постапка осомничени не беа само Ратко Капушевски, Ерџан Суковски и Асмир Јахоски, туку и вработени во ЕСМ, кои во текот на истрагата доставија докази издадени од Секторот за производство на АД ЕСМ според кои целосната постапка што се водела по јавните повици била во ред. Таквиот заклучок обвинителството го изведе токму од тие докази“, рече Коларевиќ.
Веста е преземена од Слободен Печат.

