Нов скандал се отвора околу извештајот за непотребните операции на срце, откако новинарката на Слободен Печат, Мирослава Симоновска, преку објава на социјалните мрежи, обвини дека Министерството за здравство целосно го игнорирало нејзиното барање за пристап до документот и до информациите за тоа колку пари биле исплатени на странските доктори кои го изработиле. Таа тврди дека институциите „го заклучиле извештајот и го голтнале клучот“, оставајќи ја јавноста без одговори за еден од најчувствителните случаи во здравството.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер пред неколку недели побарав од Министерството за здравство да ми достави фотокопија од странскиот извештај за непотребни операции на срце како и сумите за странските доктори исплатени да го напишат извештајот. Рокот помина, не ми одговорија ништо. Денес прес конференција направија округло па на ќоше, киша око Крагуевца имало па немало и ќе оди во ОЈО извештајот. Со други зборови-го закључија извештајот и го голтнаа клучот, како и секогаш. Џабе се прави сѐ и јавноста никогаш не дознава ништо и покрај најпрофесионалните и најадекватни барања и прашања поставени на време.

