Симона Груевска-Маџоска преку објава на социјалните мрежи соопшти дека поднела неотповиклива оставка од функцијата претседател на Совет за македонски јазик, како и од позицијата координатор на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик.
Во својата објава, Груевска-Маџоска не ги наведе конкретните причини за оставката, но посочи дека „преку некои работи не може да се премине“. Нејзината оставка е голема загуба за Советот, бидејќи професорката важи за еден од најголемите живи македонисти и со својата стручност беше огромна додадена вредност за Советот за македонски јазик.
„Денес поднесов неотповиклива оставка на местото претседател на Советот за македонски јазик и координатор на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик“, напиша таа.
Професорката им се заблагодари на членовите на Советот, како и на сите соработници вклучени во одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик и подготовката на националната стратегија.
„Им благодарам на членовите на Советот за прекрасната соработка, на членовите на Координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 2025 година и на членовите на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик“, наведе Груевска-Маџоска.
Таа на крајот им посака успешна понатамошна работа на своите досегашни соработници.
