Сомнежи за незаконски видео-надзор и нарушување на приватноста се отвораат на ЈЗУ Клиника за хематологија во Скопје, откако анонимен пациент поднел претставка до Агенцијата за заштита на лични податоци. Во претставката, доставена во февруари годинава, пациентот тврди дека за време на неговата хоспитализација забележал поставени камери за видео-надзор, без притоа да биде соодветно информиран за нивната намена, начинот на користење или обработката на снимките.
Подносителот наведува дека сакал да остане анонимен од страв од можен реваншизам, а во претставката посочил дека со поставувањето на камерите биле прекршени неговите уставно загарантирани права на приватност.
Според неговите сознанија, на Клиниката бил воспоставен систем со околу 30 камери кои во реално време ги следат вработените. Наводно, мониторингот се вршел од канцеларијата на директорката Соња Генадиева-Ставриќ, каде била поставена техничка опрема за следење на снимките, како и апликација на мобилен телефон преку која се овозможувал пристап до видео-надзорот.
Пациентот тврди дека видео-надзорот не се користел само за безбедносни цели, туку и за контрола на вработените, односно за следење дали се почитува куќниот ред и дали персоналот ги извршува професионалните обврски. Според наводите, мониторингот го вршел тим составен од директорката, нејзината техничка секретарка и главната сестра, преку голем екран поставен во директорската канцеларија.
Особено загрижува фактот што камерите, покрај вработените, ги регистрирале и пациентите кои секојдневно добиваат здравствени услуги. Во просториите каде се вршел видео-надзор, како што наведува подносителот, немало јасно и видливо известување дека просторот е под надзор, што е законска обврска.
Во претставката дополнително се наведува дека ниту пациентите, ниту дел од вработените биле информирани колку долго се чуваат снимките, кој има пристап до нив, каде се архивираат и кој управува со видео-материјалот. Анонимниот пациент тврди и дека вработените не добиле изјави за приватност, иако станува збор за обработка на лични податоци преку систем за видео-надзор.
Според важечките законски прописи, видео-надзор може да се поставува само во строго утврдени случаи, за заштита на животот и здравјето на луѓето, за заштита на имотот, безбедноста на вработените или за контрола на влез и излез во објекти со посебен режим. Оттука, се поставува прашањето дали ваквиот систем на следење на Клиниката е воспоставен согласно законските стандарди и дали се почитувани правата на пациентите и медицинскиот персонал.
Случајот со Хематологија доаѓа по неодамнешните реакции во Агенцијата за храна и ветеринарство, каде дел од вработените јавно алармираа за сомнежи дека директорот воспоставил систем за постојано следење на нивното движење во живо од својата канцеларија.
Останува отворено прашањето дали ваквите системи за видео-надзор во институциите стануваат нов тренд на управување и контрола на вработените, или пак се воведуваат по неформални препораки од „повисоки инстанци“, без притоа доволно да се води сметка за законите и заштитата на приватноста на граѓаните.

