Мустафаоглу: Не барам воени тајни, барам договори – или ЈСП не е баш јавно претпријатие

„И по повеќе од три месеци инсистирање договорите помеѓу ЈСП и „Маратон” не ми се доставени. Не барам приватни преписки, воени тајни или шифри од трезор. Буквално зборуваме за договори кои се стотици милиони денари пропуштен јавен приход за претпријатието”, истакна советничката од Левица, Дарја Мустафаоглу, на последната седница на Советот на Град Скопје.

Мустафаоглу истакна дека со тоа што повеќе од три месеци не и се доставуваат договорите и анексите го кршат Деловникот кој предвидува десет дена за доставување на одговор. На седницата советничката истакна дека нема да ја напушти говорницата додека не добие одговор од градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски што се крие во тие договори што не може да и се достават. Одговорот на Ѓорѓиевски, како што посочува, бил дека тој не ги склучил договорите.

Таа оцени дека е апсурдно во јавноста да се говори за транспарентност, додека договори кои се однесуваат на јавни средства се кријат од советниците и граѓаните. „Цело време зборуваме дека ЈСП се распаѓа, автобуси нема, а овде се кријат средствата кои што можат да се прелијат во јавното претпријатие, а ние ги даваме на приватна фирма”, нагласи таа.

Мустафаоглу посочи дека според информациите кои се проширени во јавност, во спорните договори постојат клаузули според кои ЈСП му исплаќа надоместоци на „Маратон”, но и ги покрива трошоците за рекламните материјали на компанијата.

Во своето обраќање, таа порача дека ова е нејзино последно инсистирање договорите да бидат доставени по регуларен институционален пат, најавувајќи дека јавноста наскоро ќе дознае повеќе детали и без „добрата волја” на надлежните.

Може да ве интересира