Левица-Зелен сектор: Директорката на НП „Галичица“, Георгиевска, службеното возило си го користи како приватно, дури и за на нива

До Левица пристигнаа вознемирувачки информации и фотографии од свиркачи од Ресен, кои укажуваат на КОНТИНУИРАНА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНО ВОЗИЛО во сопственост на ЈП Национален парк „Галичица“. Според наводите, службеното возило повеќе од една година секојдневно се користи за приватни цели од страна на директорката ФРОСА ГЕОРГИЕВСКА, за патување на релација Ресен-Охрид-Ресен, наместо за потребите на институцијата.

Според сведоштвата, возилото секојдневно е паркирано на јавни површини во близина на семејниот дом на директорката во Ресен, при што се узурпира јавен простор. Дополнително, граѓаните сведочат дека службеното возило не го управувала само директорката, туку и членови на нејзиното семејство, што претставува грубо прекршување на правилата за користење на државен имот.

Особено скандалозни се наводите дека возилото било користено и за приватни земјоделски активности поточно, одење до јаболкови насади во селото Волкодери, како и за превезување работници кои работеле на приватните посеви на директорката. Доколку овие информации се точни, станува збор за класичен пример на ЗЛОУПОТРЕБА НА ДРЖАВНИ РЕСУРСИ и арогантно самоволие на функционер поставен да раководи со јавна институција.

Без никакво искуство за менаџирање на јавни претпријатија, директорката Фроса Георгиевска, како партиски кадар на ЗНАМ, е поставена да раководи со Националниот пакр „Галичица”. Ова не е прв пат директорката Георгиевска да ја злоупотребува нејзината позиција. Во април поднесена е и кривична пријава против директорката за дозвола на градежни активности во заштитената зона на Националниот парк ,,Галичица”. Иако директорката Георгиевска редовно се покажува дека е неспособна за управување на ова јавно претпријатије и редовно користи државни капацитети за сопствени потреби, ужива во заштитата што и ја нуди власта.

Левица бара итен инспекциски надзор и ревизија на користењето на службените возила во ЈП Национален парк „Галичица“, како и утврдување на штетата нанесена врз буџетот на институцијата. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата, како и сите надлежни институции, веднаш да постапат и да утврдат дали службените ресурси со години биле злоупотребувани за лични и партиски потреби.

Државните институции не смеат да бидат приватни сервиси на партиски функционери. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, функционери на власта со службени возила секојдневно си ги завршуваат приватните обврски на товар на народот, векат од Левица-Зелен Сектор.

Може да ве интересира