Левица: На отворање на новиот булевар Касами уште еднаш демонстрира дека општината ја доживува како приватен етнички пашалак

Локалниот огранок, Левица-Тетово жестоко реагира на отворањето на новиот булевар „Благоја Тоска“ во Тетово, оценувајќи го настанот како „етнички едностран политички перформанс“ и „отворена провокација кон македонската држава, Уставот и соживотот“. Од Левица-Тетово, обвинуваат дека на свеченоста организирана од градоначалникот Билал Касами немало македонски претставници, државни симболи и пораки за заедништво, туку, како што наведуваат, биле истакнати исклучиво албански етнички симболи и фолклор. Левица бара итна реакција од надлежните институции и поведување постапки за, како што велат, ширење етничка нетрпеливост и омаловажување на државните симболи.

Скандалозното отворање на новиот булевар ,,Благоја Тоска” во Тетово од страна на Касами, претставува уште една отворена провокација кон македонската држава, Уставот и соживотот во Тетово.

Наместо државнички чин кој ќе ги обедини сите граѓани, Касами организираше етнички едностран политички перформанс во кој Македонците беа целосно избришани и понижени.

На настанот немаше ниту еден Македонец како претставник на институциите, немаше ниту едно македонско знаме, ниту пак беше испратена порака дека оваа инфраструктура им припаѓа на сите граѓани.

Наместо тоа, јавноста виде исклучиво албански фолклорни носии, етнички симболи и патриотски песни со кои Касами уште еднаш демонстрира дека општината ја доживува како приватен етнички пашалак, а не како локална самоуправа на сите жители.

Ова не е случаен пропуст. Ова е свесна и континуирана политика на етничка сегрегација и демонстрација на политички иредентизам.

Веќе трет мандат по ред, Касами систематски ја труе веќе токсичната атмосфера во Тетово, делејќи ги граѓаните на „наши“ и „ваши“, додека институциите кукавички молчат.

Прашањето е: До кога ќе се толерира ваквото понижување на македонската држава и омаловажување на македонскиот народ?

Особено е срамно што инфраструктурен проект финансиран со пари од сите граѓани се претвора во етнички митинг.

Булеварите и патиштата не се подарок од Касами, туку елементарно право на граѓаните на Тетово. Тие се градат и со пари од Македонците, Турците, Ромите и сите други даночни обврзници, а не само од една етничка заедница.

Касами мора да разбере дека живее и дејствува во држава со Устав, закони и државни симболи кои мора да се почитуваат.

Никој нема право да организира јавни настани со јасна порака на етничко исклучување и демонстративно игнорирање на државниот карактер на Македонија.

Бараме итна реакција од надлежните институции и поведување соодветни постапки за ширење етничка нетрпеливост, дискриминаторски практики и омаловажување на државните симболи и принципите на соживот.

Молкот на институциите станува директно соучесништво во продлабочувањето на поделбите и тензиите во државата.

Тетово не смее да биде град на поделби, туку град на еднакви граѓани.

А секој политичар што гради кариера на етнички провокации мора да сноси политичка и институционална одговорност, велат од Левица-Тетово.

Може да ве интересира