Изминатиов период сведочиме многу немили сцени, врсничко насилство каде едно дете си го задоволува егото, репутацијата во друштвото или си дава можност за инкорпорација во некоја заедница, додека друго дете трпи физичка и психичка болка.
Денес, за жал, еден од трендовите за да се стане дел од одредена заедница меѓу тинејџерите е токму девијацијата: малтретирање соученици, пушење цигари, консумирање алкохол, како и вандализам.
Најголема одговорност за ваквото однесување носат родителите, нивниот начин на воспитување, но и начинот на покажување грижа и љубов. Меѓутоа, дали се само тие виновни?
Денес училиштата немаат никаков воспитен карактер. Тоа се должи на општествено поразителниот факт што во просветата не е вработен квалитетен и умешен, туку клиентелистички кадар. Сѐ почести и почести се партиски вработувања, каде критериумот не е одреден според степенот на образование и воспитната способност на наставникот, туку според бројот на поделени партиски флаери, присуство на политички митинзи како и непотизмот (или народно познатите ,,врски”).
Македонија изобилува со стручен воспитно-образовен кадар, меѓутоа дел од него е или во странство, или секаде само не во просветата. Познати ни се судбини на многу луѓе што се труделе повеќе од цела деценија да се втурнат во образованието, но не поседувале партиска книшка, со што на нивно место вработуваат личност што зароботува на принцип ,,клати врата, земај плата”. Покрај наставниците, ваков принцип владее и кај психолозите и педагозите во училиштата, што се приви кои треба да реагираат на насилство, како и да го спречат истото.
Освен, ова, системот воспоставен од сите досегашни министерствата за образование и западните принципи што се имплементираат наложуваат наставникот да не гради авторитет врз учениците, туку да се прилагодува единствено според нивната желба за дејствување. Учениците години наназад учат за своите права, меѓутоа не се доволно информирани за нивните должности и казни кои им следуваат за каков било вид девијација. Оттука се наметнува и принципот на неказнивост, што на свој начин им обезбедува сигурност на учениците дека не би сносиле големи последици доколку сторат прекршок.
Но, што се случува со тие малкумина квалитетни наставници и психолошко – педагошки служби? Наставник кој вложил години во сопствената едукација и кој вистински се грижи за развојот на децата (не само како ученици, туку и како личности), се чувствува невидлив. Кога системот ги наградува „послушните“ наместо „умешните“. Со оглед на тоа што критериум за напредок е партиска книшка, а не успехот на учениците, квалитетниот кадар се повлекува. Настанува состојба на т.н. внатрешна миграција – наставникот е присутен физички, но неговиот ентузијазам е уништен.
Квалитетн наставник сака да воспостави ред и дисциплина како предуслов за учење. Меѓутоа, кога системот (и често родителите) застануваат зад насилникот или девијантот, учителот се чувствува безмоќен. Наместо да биде ментор и авторитет, тој станува обичен администратор кој се плаши да преземе педагошка мерка за да не се соочи со притисоци. Во средини каде доминира клиентелистички кадар, квалитетниот наставник често станува демотивиран. Дали наставникот ќе се одлучи да биде воспитувач во и да не фигурира само како субјект, завси директно од личниот морал.
Кога психолозите и педагозите, кои треба да бидат сојузници на наставникот во справувањето и спречување со врсничкото насилство, се вработени по пат на „врски“, системот на поддршка колабира.
Сведоци сме на многу луѓе кои чекале повеќе од цела деценија за да се втурнат во образованието, а тоа се најчесто лица со педагошко-едукативни компетенции кои принципот на партизација ги игнорира и не ги имплементира во развојот на децата.
За ваквите случаи, сме одговорни колективно. Самиот молк пред насилството нѐ прави поддржувачи на истото. Ваквата пракса треба да се искорени, а на тоа директно треба да се повикаат надлежните институции.

