Левица алармира за состојбата на Хематологија: „Пациенти примаат половични терапии, бараме итен инспекциски надзор“

Левица со сериозни обвинувања за состојбата на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, повикувајќи на итен вонреден инспекциски надзор по сведоштва од пациенти кои укажуваат на недостиг од терапии и основен медицински материјал, како и на, според партијата, опасен систем на управување со лекувањето.

Во реакцијата, Левица наведува дека до нив пристигнале „вознемирувачки сведоштва“ од пациенти кои со години се лекуваат на Клиниката за хематологија.

Особено загрижувачки, според партијата, се наводите дека лекарите морале да бараат одобрување од директорката Соња Генадиева Ставриќ за секоја терапија и интервенција преку телефонски повици и пораки.

Од Левица тврдат дека според сведоштвата, на дел од пациентите им биле кратени терапии спротивно на медицинските индикации.

Партијата го повика директорот на Државен здравствен инспекторат, Кирил Лазов, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор за состојбата со терапиите, набавките и начинот на носење одлуки на клиниката.

Може да ве интересира