Книжевно-музички перформанс „Портрети“ ќе се организира вечерва со почеток од 19.19 часот во Салон 19,19 во Културно-информативниот центар во Скопје. Поводот за настанот е новата книга на Александар Прокопиев. „Портрети“. Со пијано и вокал ќе настапи Александар Прокопиев, а гитара и бас – Бобан Здравковски Андреевски.
– Во најновата книга Портрети Александар Прокопиев воплотува две свои пасии – пасијата за пишување и пасијата за пријателство. Собирајќи парченца сеќавања расфрлени по животниот пат со особено внимание кон детаљот, Прокопиев составува прозни целини распоредени во четири групи портрети: Семејни, Од животот + книжевни, Белградски студентски и Меѓу сонот и јавето. Приказните во оваа автобиографија на пријателството настануваат преку сликите извлечени со внатрешната камера на сеќавањето, па можеби токму затоа овие Портрети на најдобар начин ја посочуваат ролјата што ја има љубовта во поврзувањето на луѓето преку заемна наклонетост. Меѓу другото, тие прашуваат и нешто многу важно, како што прашува Лаелиј во разговорот со Фаниј и Скаевола во философската расправа на Кикерон За пријателството: „Има ли нешто послатко од тоа, одошто да имаш некого, со кого ќе се осмелиш да зборуваш, како што зборуваш со самиот себе? – пишува Дарин Ангеловски.

