Мишовски: Стоп за брзите кредити

  • Став на Дончо Мишовски.

Нема семејство во кое барем еден млад човек не заглавил со брз кредит. Оваа појава зема замав со години наназад и станува еден од најсериозните социјални проблеми за кои премалку јавно се зборува. Зад рекламите за „лесни пари“ кои ги рекламираат “видни личности”, се кријат уништени животи, распаднати семејства и чувство на безизлезност.

Брзите кредити одамна престанаа да бидат краткорочно решение. За многу млади луѓе тие станаа почеток на кредитна бесконечност од која тешко се излегува. Ова е психолошки товар кој на младите им ја одзема слободата и здраворазумноста за да можат да креираат иднина. Денес се зема нов кредит за да се затвори претходниот, а утре уште еден за да се преживее месецот. Каматите и дополнителните трошоци растат, а долговите стануваат преголеми за отплата.

Живееме во една Недојдија во која младите се оставени на маргините во општеството. По завршеното образование младите ја согледуваат реалноста, ја гледаат суровоста во која образованието не е мерило за квалитет туку мерило е… колку пати си бил на партиски митинг. Е поради ова и поради нефункционалност на институциите дел од младите заминаа од државата барајќи подобра иднина, подобар живот, а оние што останаа, секојдневно се борат со несигурни работни места, мали плати и сè поскап живот. Во една ваква состојба на безизлезност, брзите кредити се претвораат во лажен спас кој многумина скапо го плаќаат.

Најболно е што товарот повторно паѓа врз највозрасните, врз семејството. Татко, Мајка, Дедо, Баба со своите скромни пензии, неможејќи да го остават своето чедо во агонија, принудени се да помагаат во отплатата на долговите на своите деца и внуци. Наместо достоинствена и мирна старост, тие живеат со трепет и грижа дали ќе останат пари и за нив за да можат да си обезбедат храна и лекови.

Како дополнителен, ја би кажал државен проблем е што младите луѓе речиси и немаат доволно финансиска едукација. Никој не ги учи какви последици носи задолжувањето, што значат реалните камати и како еден мал кредит може да прерасне во долг што може и животот да им го уништи.

Затоа државата под итно да превземе конкретни мерки:

  • Ригорозна контрола врз компаниите за брзи кредити,
  • Заштита на граѓаните од презадолжување,
  • Задолжителна финансиска едукација уште од училишна возраст,
  • Институционална поддршка за семејствата кои веќе западнале во долгови.

Една држава не може да има здрава иднина ако младите ѝ живеат во долгови, а пензионерите ги спасуваат семејствата со својата пензија.