(Видео) Документарецот за Газа што Би-Би-Си го нарача, па одби да го емитува освои БАФТА награда

Документарниот филм „Газа: Лекари под напад“, кој првично бил нарачан од Би-Би-Си, но подоцна повлечен од програмата поради наводна „перцепција на пристрасност“, ја освои престижната ТВ награда БАФТА. Филмот, кој подоцна беше емитуван на „Channel 4“, ги документира сведоштвата на палестински здравствени работници за нападите врз болниците и клиниките во Појасот Газа.

При примањето на наградата, извршниот продуцент Бен Де Пир остро ја критикуваше Би-Би-Си, посочувајќи дека телевизијата прво го финансирала проектот, а потоа одбила да го прикаже.

На сцената му се придружи и новинарката Рамита Наваи, која изјави дека според податоците презентирани во филмот, Израел ги таргетирал речиси сите болници во Газа и дека повеќе од 1.700 палестински лекари и здравствени работници биле убиени. Таа додаде дека над 400 лица биле приведени во услови што Обединетите нации ги опишуваат како „медицид“.