Д-р Сања Пановска избрана меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин

Д-р Сања Пановска, родена во Делчево, за 2025 година е избрана меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин од весникот „Тагесшпигел“.  Годинава е добитник на признание од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ Македонска Каменица.

Пановска, родена во Делчево, дипломирала физика на ПМФ во Скопје, магистрирала геофизика во Штип, а докторирала на Швајцарскиот Федерален Институт во Цирих. Постдокторските студии ги завршила на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Од 2016 година е научен истражувач во Германскиот центар за геофизика во Потсдам, а од 2025 е лидер на истражувачка група. Раководи со европски проект од 2 милиони евра доделен од Европскиот истражувачки совет. Нејзините научноистражувачки интереси опфаќаат геомагнетизам и палеомагнетизам, геомагнетна секуларна варијација, геомагнетни екскурзии и пресврти, како и глобално и регионално моделирање на геомагнетното поле. Дополнително, таа се занимава со истражувања поврзани со космогени изотопи и вселенска клима.

Во 2025 година е избрана меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин од весникот „Тагесшпигел“. Наратор е на документарниот филм „Магнетен Мозаик“, награден од УНЕСКО во категоријата Жени во науката.

Пановска е и коапликант на едукативниот проект „Тимот на Бимбим“ и автор на детската книга „Мојата Земја“, преведена на повеќе јазици. 

Несомнено, Македонија има големи умови со кои треба да се гордее – репрезенти низ светот

Може да ве интересира