Дејан Димовски, во гостување на дебата на ТВ 21 отвори прашања околу начинот на формирање на цените на нафтените деривати и можните профити на компаниите што тргуваат со горива во земјава. Според него, измените на правилникот на Регулаторна комисија за енергетика на почетокот на кризата отвораат дилеми за тоа кому му одговарале честите промени на цените и заклучи дека целата криза паѓа врз грбот на народот, додека нафтените компании прават екстремни профити.
Димовски посочи дека претходно цените на нафтените деривати се утврдувале на секои две недели, додека со измените Регулаторната комисија почнала да ги коригира секој понеделник врз основа на пресметките од претходната недела.
„Зошто токму на почетокот на кризата се смени тој правилник? Кој тука профитира, а кој губи?“, праша Димовски, додавајќи дека ваквиот модел, според него, им одговара на компаниите што вршат трговија со нафтени деривати во Македонија.
Тој смета дека по завршувањето на кризата ќе мора детално да се анализираат профитните биланси на компаниите што работат во секторот со горива, со цел да се утврди колкава добивка оствариле во период кога граѓаните се соочувале со инфлација и раст на трошоците за живот.
„Кога говориме за криза, целото општество треба заеднички да ја поднесува тежината. Не може народот да плаќа, а компаниите да имаат екстра профити“, изјави Димовски.
Тој додаде дека во услови на економска нестабилност, институциите треба да креираат политики што ќе обезбедат рамномерно справување со кризата, наместо товарот да падне исклучиво врз граѓаните.

