Здружението „Љубители на класичната музика“ Скопје, членка на Светската Унија на хармоникашите Confédération Internationale des Accordéonistes (CIA) Member of the International Music Council (IMC-UNESCO) по 18-ти пат организира Свечен концерт по повод светскиот ден на хармониката. Свечениот концерт годинава ќе се одржи на 12-ти мај (вторник) во камерната сала на НУ Филхармонија со почеток од 20 часот.
На концертот ќе настапат реномирани уметници од земјава, како и студенти од класата на професорката Зорица Каракутовска од Факултетот за музичка уметност Скопје. На програмата се дела од Дербенко, Зубицки, Моцарт, Пјацола, Бете Илин и други.
Светската унија на хармоникашите (CIA) која е членка на Меѓународниот музички совет (IMC-UNESCO) го именува 6-ти мај за Светски ден на хармониката (World Accordion Day) во 2009 година. Причината токму овој ден да биде прогласен за ден на хармониката е датумот на кој во 1829 година за прв пат е патентиран инструментот.
Македонското здружение на хармоникашите „Љубители на класичната музика” Скопје, кое е членка на CIA од 2001 година, беше еден од иницијаторите за воспоставување на меѓународниот проект „6-ти мај за Светски ден на хармониката”.

