Јашаровска: Насилството врз жените не е „мал престап“ како што кажа премиерот, туку трагедија што уништува животи

Активистката и претседателка на организацијата Амаро Дром, Ана Снежана Јашаровска, остро реагираше на изјавите со кои физичкото насилство врз жените се минимизира и се претставува како „мал престап“. Таа предупредува дека ваквиот речник од јавни функционери придонесува за нормализација на насилството и испраќа опасна порака во време кога државата повторно е потресена од случаи на фемицид и семејно насилство.

Физичкото насилство врз жена не е мал престап. Тоа е траума, страв, уништен живот, а премногу често и изгубен човечки живот.

Како активистка и претседателка на организацијата „Амаро Дром“, која секојдневно работи со жени жртви на насилство, длабоко сум револтирана од вакви изјави што доаѓаат од луѓе кои имаат јавна функција и одговорност. Во време кога пред само неколку дена уште една жена беше убиена од својот сопруг, недозволиво е насилството да се минимизира и нарекува „мал престап“.

Зад секоја статистика стои жена со име, деца што остануваат без мајка, семејство што живее со траума и општество кое потфрлило да ја заштити.

Кога функционери користат ваков речник, тие не испраќаат само лоша порака, туку придонесуваат кон нормализација на насилството. А насилството никогаш не започнува со убиство. Започнува со навреда, закана, шамар, молк од институциите и оправдување од општеството.

Не ни требаат изјави без чувство и свест. Ни требаат одговорни институции, јасен став, построги мерки и вистинска заштита за жените.

Емпатијата, свеста и човечноста не се мерат со титули, функции и дипломи. Понекогаш повеќе достоинство и разум има кај обичниот човек отколку кај оние што треба да бидат пример пред јавноста.

Секоја жена заслужува да живее без страв. А секој што ја минимизира болката на жртвите, директно учествува во проблемот, напиша таа на својот Фејсбук профил како реакција на несреќните изјави на Мицкоски.