Советникот од Левица во Општина Ѓорче Петров, Дејан Димовски, во гостување на ТВ21 оцени дека конфликтот меѓу САД, Израел и Иран има далеку поширока геополитичка и економска позадина од официјално претставената. Според него, во фокусот не е нуклеарната програма на Иран, туку контролата врз енергетските текови и обидот да се забави економскиот и технолошкиот подем на Кина.
„Потенцијално е јасно дека Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран. И целта не е Иран, ниту спречување на нуклеарно оружје, туку спречување на патот на нафтата до Кина“, изјави Димовски.
Тој посочи дека Кина во последните две децении бележи брз технолошки развој, што, според него, создава чувство на загрозеност кај САД, особено во делот на автоматизираните системи, индустријата и новите технологии.
Во дебатата, Димовски се осврна и на влијанието на американската политика врз глобалните пазари на енергенси, оценувајќи дека изјавите и објавите на американскиот претседател директно влијаат врз цените на нафтата и состојбите на берзите.
„Неговите изјави и пишувања на социјални мрежи апсолутно влијаат врз драстични варијации на берзите на нафта, а тоа влијае и врз снабдувањето со нафта и нафтени деривати“, рече тој.
Осврнувајќи се на Европа, Димовски оцени дека европските земји ќе се соочат со последици поради, како што рече, политиката на балансирање меѓу лојалноста кон САД и реалната потреба од пристап до евтини енергенси.
„Европа е доведена во отежната политичка ситуација. Од една страна е лојалноста кон Соединетите Американски Држави, а од друга страна техничката и економската реалност за пристап до енергетски ресурси“, истакна Димовски.

