Тешко на жртвите на семејно и родово насилство во Македонија. Државата не ги есапи ниту своите законски обврски ниту препораките на Советот на Европа. Така, иако од 2021 година на хартија во закон „легнала“ обврската дека ќе има кризни центри за долготрајна поддршка на жени што биле силувани, во пракса не постои ниеден од нив.
Обврската да ги воспостави овие кризни центри е на Министерството за здравство, кое наскоро ќе добие претставка до Комисијата за спречување дискриминација затоа што пет години не ги спроведува своите законски обврски да ги воспостави ваквите центри.
Адвокатката Неда Чаловска рече дека ќе биде поднесена претставка за дискриминација против Министерството за здравство поради тоа што необезбедувањето на ваква специјализирана услуга која најмногу ги засега девојчињата и жените, претставува дискриминација согласно праксата на Европскиот суд за човекови права. Во Македонија од 2020 до 2024 година имало 455 жртви на сексуално насилство од кои 90 проценти биле девојчиња.
Ќе бараме Министерството за здравство најитно да ја воспостави оваа услуга, да најде пари за обука на психолози и психијатри за услугата, да формира мрежа која ќе дава поддршка и да направи правилник за цена за чинење на оваа услуга. Недозволиво е 5 години од имплементација на закон ваков сервис да не биде воспоставен кога тоа е законска обврска, рече Чаловска.
Анализата за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство презентирана денеска од Националната мрежа, покажува дека не се одвојуваат воопшто пари за да профункционира сето тоа што Македонија се има обврзано дека ќе го испорача како сервис согласно Истанбулската конвенција и согласно домашното законодавство.
Освен што нема кризни центри за силување, недостасуваат 24 засолништа (шелтери), недостасуваат 8 советувалишта, а и националната СОС линија се финансира со „трошки“ добиени од игри на среќа и од општински пари без унифицираност. Кога Македонија би ги нудела сите нормални услуги за жртвите на семејно и родово насилство во Македонија, тогаш годишно би требала да издвојува 0.1 процент од целиот државен буџет, покажа анализата.
Просечно, секоја година ќе треба да се одвојуваат по 6.5 милиони евра за одржување на сите сервиси откако претходно ќе се воспостават, со оглед на тоа што во анализата се вклучени и тие шелтер центри кои моментално не се ни изградени, ни опремени. Тука спаѓа националната СОС линија, засолништа, советувалишта за деца и жени што преживеале насилство, упатни центри за силување, кризни центри за силување и бесплатна правна помош.
Моментално, како што покажува анализата на Националната мрежа, се одвојуваат трошки, Центрите за социјални работи се „ценкаат“ и не издаваат решенија за жртвите да добијат услуга од сервис, а 85 проценти од креветите во шелтер центрите недостасуваат.
Засолништето, како што изјавија од Националната мрежа, мора да функционира 24 часа дневно во текот на 7 дена во неделата, а не само тогаш кога ќе има побарувачка за него. Кога Македонија би го правела тоа, тогаш 1 шелтер годишно би ја чинел 158 илјади евра. Сега, годишно за сите шелтер центри вкупно земјава издвојува едвај 60 илјади евра, што покажува колку инфраструктурата за заштита на жртвите на семејно и родово насилство е мизерна и неадаптирана на барањата на Истанбулската конвенција, Советот на Европа, па дури ни на тоа што земјава се обврзала дека ќе го обезбеди во домашните закони.
Ако во 2027 година се воспостават сите потребни засолништа, тогаш ќе треба да се издвојат 409 милиони денари. Алармантно е и со услугата „упатен центар за жртви на силување“. Такви упатни центри има само во 3 болници во Македонија – на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје при Клинички центар „Мајка Тереза“ и во клиничките болници во Тетово и во Куманово. Во другите градови нема такви центри.
Директорката на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска изјави дека анализата презентира како во следните 3 години може да се воспостави целосен систем за поддршка на жртвите, ама за тоа требаат пари – просечно по 6.5 милиони евра секоја година.
Шелтер центарот треба да обезбеди итно сместување и физичка безбедност на жртва во ризик, како и да спречи бездомништво. Кога ќе биде сместена таа во шелтер заедно со децата, треба покрај сместување, храна хигиена, образование за децата, бесплатна психолошка помош, економско јакнење, да се покрие цел тој период. Она што е клучно кај нашите шелтер центри што работат сега, наводно тие се на тајна локација. Генерално сите знаат каде се. Нивната единствена цел сега е да ја осигураат нејзината физичка безбедност. Но, поради тоа што се на тајна локација, жените не смеат да ги напуштаат. Што значи дека не можат да одат на работа, може да ја загубат работата. Бегајќи од насилство жените ја губат економската независност, рече таа.
Димушевска додаде дека моментално во шелтер центрите не постојат психолози што работат со жените и со децата континуирано, туку жените што се сместени во шелтер моментално добиваат само кров на глава и јадење.
Ова што ние го пресметуваме, значи дека би ги добиле сите услуги, заедно со бесплатната правна помош. Во моментот бесплатната правна помош ја добиваат само жени што се невработени, зашто само нив им следува. Критериумите се толку лоши, што ако е вработена со минимална плата нема право на бесплатен адвокат, рече Димушевска.
За мерката отстранување од домот на насилникот која што постои од 2015 година а МВР после трагедијата со Ивана и Катја во Тафталиџе, почна засилено да ја применува после 11 години од нејзиното воспоставување, Димушевска смета дека не е секогаш апликативна. Во внатрешноста на Македонија каде во една куќа живеат повеќе генерации, таа е само привремена итна заштита за жртвата. Во странство шелтер центрите обезбедуваат сместување за жртвата од 6 месеци до 1 година и се од отворен тип – жената може да оди на работа.
Кај нас во шелтрите моментално не е возможно жената да се зајакне економски додека е сместена таму. Моделот што го предлагаме не е шелтер на тајна локација туку домување. Не сакаме да ја изолираме. Австрија има во среде центар шелтер центри каде се сместуваат жените, во посебни станбени единици каде имаат и приватност ама може да одат и на работа, за повторно да си го изградат животот, рече Димушевска.
Ниеден претставник од Министерството за социјална политика ниту од Министерството за финансии не дојдоа на панел-дискусијата да ги слушне овие пресметки колку пари требаат за вистинска а не за декларативна заштита на жртвите. Анализата е направена на начин што се следеле податоците од минатото и она колку треба да се издвојува во иднина.
Податоците од минатото покажуваат дека издвојуваме малку средства зашто немаме доволно сервиси, иако стандардите се јасни колку сервиси треба да има но државата ги нема воспоставено или дел од нив ги има воспоставено, но не сите функционираат така како што треба, изјави професорката од Правниот факултет доктор Катерина Шапкова Коцевска.
Таа рече дека ако постепено се воведуваат сервисите за најдоцна за 3 години да бидат имплементирани – тоа би чинело Македонија околу 7 милиони евра секоја година и така би се аплицирале сите стандарди во Истанбулската конвенција.
Веста е превземена од Слободен печат, а автор е Мирослава Симоновска

