(Видео) Потоп во ЗНАМ: По пратеникот Миле Цеков, партијата на Максим почнаа да ја напуштаат и советници во општините

Политичките турбуленции во ЗНАМ продолжуваат, откако по заминувањето на пратеникот Миле Цеков, партијата почнаа да ја напуштаат и локални функционери. Советничката во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, објави дека ја напушта ЗНАМ и коалицијата со ДПМНЕ и во иднина ќе делува како независна советничка, приклучувајќи се кон опозициското делување во Советот.

Досегашната советничка од редовите на ЗНАМ, Мирјана Стеваноска, од денеска официјално ќе делува како независна советничка во Советот на Општина Прилеп, која истакна дека е водена од принципите, личниот интегритет и одговорноста кон граѓаните кои ѝ ја дале својата доверба.

Како долгогодишен професионалец и човек кој секогаш отворено ги застапувал интересите на прилепчани, Стеваноска истакнува дека нејзиното понатамошно политичко делување ќе биде насочено исклучиво кон потребите на граѓаните, без партиски притисоци и ограничувања.

Таа потенцира дека и во иднина ќе продолжи активно да се залага за подобра инфраструктура, транспарентност во работата на локалната самоуправа, поддршка за младите, урбан развој и поквалитетен живот за сите граѓани на Прилеп.

Според неа, оваа одлука за за независно делување претставува чекор кон политичка зрелост и доследност на личните убедувања, со јасна порака дека интересот на граѓаните мора да биде над сè.

Прилеп заслужува чесен, отворен и одговорен Совет, а Мирјана Стеваноска најавува дека ќе остане гласен и конструктивен партнер на народот, независно и достоинствено, во служба на градот и граѓаните.

Може да ве интересира