Трендафилов: Владата ги ослободува „газдите“ од придонеси, а одби помош за раст на работничките плати

Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, жестоко реагираше на двојните стандарди во политиките за придонеси и плати, обвинувајќи дека државата одбила мерки за зголемување на минималната плата и поддршка за работниците, додека истовремено овозможува поволности за највисоките менаџерски примања.

Не прифатија ослободување од плаќање на придонеси за зголемување на платите за 100 евра, а газдите ги ослободуваат од плаќање на придонеси за 300.000 евра на пример, посочи тој.

Нашиот предлог, минималната плата да се зголеми и останатите плати да се зголемат со зголемувањето на минималната плата за најмалку 6.000 денари и на тоа зголемување работодавачите да бидат ослободени од плаќање на придонеси за одреден временски период , беше еднострано одбиен, а од друга страна, газдите кои си исплаќаат плата над милион денари се ослободени од плаќање на придонеси, обвини Трендафилов.

Минатата година беше објавено дека во јули 2025 највисоката исплатена нето-плата изнесувала над 320.000 евра. А трите највисоки плати заедно надминуваат 700.000 евра, информираше тој.

И тогаш и денеска подеднакво се фрапантни податоците според кои газдата со највисока плата во Македонија земал плата колку за 817 работници на минималец, а првите топ три газди со пресметковни ефективни нето плати земале плата за еден месец колку за 1790 работници на минималец, а после некои зборуваат за ниската продуктивност на македонските работници, заклучи Трендафилов.

Може да ве интересира