Јанков: Како се станува десничар

  • Став на Андреа Јанков

Не се станува десничар преку читање книги. Тоа е најчестата заблуда. Никој не прочитал Хегел, Берк или Шмит и рекол: „Да, ова е мојот пат“. Не. Десничар се станува многу поприродно, многу подлабоко, преку семејна трагедија од типот: „На дедо ми комунистите му ги земаа овците“.

Не е важно што дедо ти имал три овци, од кои две биле болни, а третата ја изел волк во 1947. Во семејната митологија тие стануваат стадо од библиски пропорции. Одеднаш дедо ти не бил селанец со кал до глуждови, туку некаков балкански Рокфелер кому му била уништена династијата.

Потоа следува вториот стадиум на политичко будење:

„Со сила нè избркаа од селото.“

Во реалноста, државата ги симнала од рид без вода, канализација и пат, во населба три пати поблиску до градот, со асфалт, струја, греење, училишта, градинки и јавен превоз. Но тоа во приказната не се кажува така. Таму звучи како егзодус. Како да ги терале преку Албанија во снег, а не во Жданец со камион од општина, во истото „Зорле“ кое сега важи за елитна населба.

Особено болен момент е шумата.

„Ни посадија шума на дедовината.“

Да, затоа што ридот се распаѓал од ерозија и секој пороен дожд носел пола планина во градските населби. Но во десничарската меморија тоа не е пошумување, туку окупација. Бор против слобода. Смрека против традиција.

Третиот чекор е козата.

Во бивша Југославија, политичката свест мистично е врзана со козата. Нема десничар без барем една приказна дека „Тито му ги зеде козите на прадедо ми“. Не е важно дали козите, оставени да пасат каде ќе стигнат, уништувале шуми и предизвикувале ерозија низ цела Југославија. Не. Козата тука е симбол. Метафизичко суштество. Ако комунистот ти ја земе козата, ти всушност губиш идентитет, цивилизација и право на приватна сопственост.

Следува црквата.

„Не давале да се оди во црква.“

Ова најчесто го кажува човек крстен во 1987, венчан во црква, со славска икона дома и три литии годишно по телевизија. И некако никој не го спомнува фактот дека токму во тоа време е основана Македонската православна црква. Но тоа е незгоден детаљ, а десничарството не сака незгодни детали. Сака легенди.

Секако, задолжителен дел од митологијата е и тврдењето дека „комунизмот уништил сè што било вредно“. Ова обично го кажува човек чии прадедовци живееле во држава во која над 90% од населението било неписмено, каде што деца умирале од обични инфекции, а низ цела Македонија имало едвај четириесетина километри асфалтен пат. Ама некако, во колективната фантазија, пред комунизмот Македонија изгледа како Швајцарија со гајди.

Никој не зборува за тоа што првпат масовно се отвориле училишта, болници, факултети, домови на култура, библиотеки, железници и фабрики. Не. Во десничарската верзија на историјата, дедо ти пред 1945 живеел како англиски лорд, а потоа дошол Колишевски лично, со кожен мантил и список за конфискација на кокошки.

И така, малку по малку, човекот расте.

Дедо му бил жртва. Татко му бил неразбран. Он е последниот бедем на цивилизацијата. Работи во администрација, зема субвенции, бара партиско вработување за братучед му, ама длабоко во душата се чувствува како прогонет аристократ.

Сака пазарна економија, ама да не му се чепкаат субвенциите. Сака слобода, ама да се забрани сè што не му се допаѓа. Сака традиција, ама не знае ни една народна песна подолга од рефрен. Се колне во предците, ама прв пат копал бавча во ковид.

И на крајот, како круна на политичката зрелост, доаѓа финалната форма на локалниот десничар. Човек кој живее во стан изграден од социјализмот, школуван бесплатно, лечен бесплатно, возен по патишта од јавни инвестиции, со пензија од државен фонд, а убеден дека преживеал под Северна Кореја.

И секогаш, ама баш секогаш, некаде во позадина стои дедо му и трите митолошки овци.