Исмаил бара изборна реформа: „Сегашниот модел создава системска неправда и политичка корупција“

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, упати критики кон актуелниот изборен систем и финансирањето на политичките партии, оценувајќи дека постојниот модел создава нееднаква вредност на гласот и овозможува клиентелистички односи меѓу големите партии и медиумите. Реакцијата следува по неговото учество на настан организиран од IFES, посветен на изборните реформи и препораките на ОДИХР.

Вчера, како член на Работната група при Министерството за правда за измени на Изборниот законик, присуствував на настан организиран од ИФЕС, фондација која спроведува проект за демек „инклузивен дијалог“ околу изборниот процес, напиша тој на својот Фејсбук профил и продолжи.

На настанот беа присутни министерот за правда, потпретседателот на Собранието, директори на институции како ДКСК, ДЗР, АВМУ, претставници на ДИК и други високи функционери. Ни беше презентиран извештај поврзан со препораките на ОДИХР, но морам да кажам дека извештајот повторно се занимава со техникалии, а не со суштинските проблеми на изборниот систем.

И тоа го кажав јавно.

Организаторите се оградија со изговор дека тие „не се мешале во тоа“. Но, кога веќе организираш процес, подготвуваш извештаи и собираш највисоки државни функционери за „реформи“, тогаш не можеш да се правиш дека суштината не постои.

А суштината е следна:

Најголемиот проблем е изборниот модел.

Сегашниот модел создава сериозна непропорционалност и фактички произведува федерализирачки ефект по етничка линија (ама во корист само на една етничка заедница а на огромна штета на помалите вакви заедници). Македонија мора да премине на ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА со пропорционален модел.

Денес имаме апсурдна ситуација:

  • Пратеник на СДСМ или ДПМНЕ „чини“ 7-8 илјади гласа;
  • Пратеник на Левица чини 15-16 илјади гласа.

Тоа не е еднаква вредност на гласот. Тоа е системска неправда.

Вториот огромен проблем е платеното политичко рекламирање (ППР).

Во еден изборен циклус околу 6,5 милиони евра од буџетот завршуваат кај приватните медиуми. Тоа е класичен клиентелистички однос помеѓу големите партии и медиумите. Преку ППР се врши огромна политичка корупција на медиумскиот простор во државава.

Дополнително, законот е скроен така што третата опозициска партија со пратеничка група (Левица ) НЕ ДОБИВА НИТУ ЕДНО ЕВРО за ППР.

Да повторам:

  • Партија со 1, 2, 3 или 4 пратеници добива средства;
  • Партија со 6 пратеници добива НУЛА.

И после некој на улица ќе ти каже „ве нема нешто”. Не бе аркадаш, тебе те нема, оти појма немаш што капа ти(ни) имаат скроено – Прокрустово капче баце!

Има сериозни проблеми и во финансирањето на политичките партии, каде партии со десетици гласови добиваат десетици илјади евра годишно од буџетот?!

Во меѓувреме, од власта веќе се чувствува нервоза и подготовка за нов изборен циклус. Реториката „ДУИ не е на власт“, „наследивме хаос“, „СДСМ ги предадоа националните интереси (демек, не сме сега ние должни да ги вратиме)“ полека се троши. Во СДСМ и ДУИ има раководства без кредибилитет и оптоварени со криминални афери, па очигледно некому му одговара брз изборен циклус, со милиони евра за медиумска кампања од државен буџет, ете ти + четири години власт без суштински резултати.

Најразочарувачко од сè е молкот на најголем дел од медиумите и новинарите. Нема сериозна јавна дебата за овие прашања. Нема ТВ соочување за изборниот модел, за ППР, за финансирањето на партиите.

А токму тоа се темите што директно ја одредуваат состојбата на политичка репрезентација и демократијата во државава, заклучи Исмаил.