Здружението „Еко правда“ покрена петиција против предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, предупредувајќи дека измените можат да доведат до зголемена експлоатација на природните ресурси и загрозување на јавниот интерес и животната средина.
Како граѓанска организација, ја покренуваме оваа петиција и ги повикуваме граѓаните да се приклучат во изразувањето несогласување со предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.
Сметаме дека предложените измени отвораат сериозни прашања од јавен интерес и носат потенцијални ризици кои директно влијаат врз животната средина, приватната сопственост и квалитетот на живот.
Предложените измени создаваат реален ризик од негативни последици по јавниот интерес, вклучувајќи:
– Олеснето доделување концесии и отворање нови рудници, со што се зголемува притисокот врз природните ресурси
– Проширување на можностите приватни субјекти да иницираат проекти од „јавен интерес“, без доволно јасни критериуми
– Потенцијална злоупотреба на поимот „јавен интерес“, што може да резултира со експропријација на приватен имот
– Долгорочни последици врз животната средина – загадување на вода, почва и воздух
– Ризици по здравјето на населението, особено во локалните заедници
Дополнително, загрижувачки е начинот на кој се предлагаат овие измени, а тоа е по скратена постапка, без доволна јавна расправа и без суштинско учество на стручната и граѓанската јавност.
Во интерес на транспарентноста, одговорноста и заштитата на јавниот интерес, бараме:
– Итно повлекување на предложените законски измени
– Организирање на широка, инклузивна јавна расправа, со активно учество на експерти, граѓански организации и локални заедници
– Целосна транспарентност во сите постапки поврзани со концесии, експлоатација на природни ресурси и јавно-приватни партнерства
– Јасно дефинирање и заштита на јавниот интерес, со приоритет на заштитата на природните ресурси и здравјето на граѓаните
Ова прашање ги надминува политичките разлики.
Станува збор за долгорочната заштита на природните ресурси и условите за живот во нашата држава.
Со потпишување на оваа петиција, застануваме зад принципите дека:
– Природните ресурси се заедничко добро и треба одговорно да се управуваат
– Јавниот интерес мора да биде јасно дефиниран и заштитен
– Одлуките што влијаат на сите граѓани треба да се носат транспарентно и со учество на јавноста
Твојот потпис прави разлика. Потпиши се денес, стои во петицијата организирана од здружението Еко правда.
Петицијата може да ја видите и потпишете на овој ЛИНК

