„Паметници на заборавот: нашата земја ја нема, а ние постоиме“ е насловот на изложбата од Сашо Димоски што ќе биде отворена утревечер во 20 часот во продажниот слон на Културно-информативниот центар во Скопје. Ова е негова десеттата самостојна изложба, оксиморонски насловена „Паметници на заборавот“, а се состои од два дела во кои се собрани 16 фотографии. Во фокусот на изложбата е просторот и објектите во него, како една од доминантните тематски преокупации на Димоски во последниве години.
– Самата одлука на авторот од своите фотографии да го исклучи човекот токму од просторот во кој јасно интервенирала човечката рака, секако е смела. Впрочем, и Валтер Бенџамин (1892-1940) во својот познат есеј „Мала историја на фотографијата“ вели дека „функционирањето без луѓе за фотографијата е најневозможното од сите отфрлања“. Меѓутоа, ваквото исклучување на човекот е само на ниво на објект, на предмет на фотографијата, зашто вториот фокус на оваа изложба сепак е човекот, но како субјект, како восприемач на фотографијата и на она што таа го прикажува. Или подобро речено – на она што фотографијата го имплицира, го навестува, го сугерира. Во таа смисла, можеби најважните прашања што се отвораат, и во насловот и во содржината на оваа изложба се: Каде се наоѓаат сеќавањата? Дали и како може да се спречи заборавот? – вели во текстот од каталогот Елизабета Баковска.
Сашо Димоски (1965, Охрид) се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.

