Христијан Аџиоски преку објава на социјалните мрежи, потсети на трагичната судбина на селото Баница, местото каде загина македонскиот револуционер Гоце Делчев. Тој наведува дека денес од селото останале само урнатини и камбанаријата како „последен нем сведок“ на некогашниот македонски живот, потсетувајќи дека Баница била целосно опожарена од грчката армија во 1913 година, по што преживеаното население било принудено да го напушти својот дом и да побара засолниште во други делови на Македонија.
Ви го пренесуваме неговиот статус во целост:
Ова е сѐ што останало од уништеното село Баница – местото чија земја е натопена со крвта на апостолот ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Камбанаријата во руини останува последниот нем сведок дека на ова место со векови пулсирал македонски живот.
Селото Баница се наоѓало на падините на планината Шарлија, на 20 км северно од Сер. Во почетокот на XX век имало околу 800 жители, македонско население.
Десет години по загинувањето на Гоце Делчев, во 1913 година селото е целосно опожарено од грчката армија и голем дел од населението е убиено, а оние што останале живи, побегнале преку новата граница за да побараат засолниште од грчкото безмилостие.
Својата „нова Баница“ баничани ја однеле со себе во другата Македонија преку граница, најголем број се населиле во Свети Врач (Сандански), Разлог, Неврокоп (Гоце Делчев), горноџумајското село Баџево итн.
Еден дел од баничани се населуваат и во селото Гара Леуново, кое во 1966 г. го преименуваат во Ново Делчево и секоја година 4 мај е празник на селото, во чест на неговиот патрон.
Слава на баничани, кои како и многу Македонци, ја имале судбината да останат без своето село и без гробиштата на своите предци.

